(ВИДЕО) Без тројца голмани, со Енцо Перез помеѓу стативите и 20 случаи на коронавирус, Ривер успеа да победи во Копа Либертадорес – ММС
ММС

Објавено на: 05/20/21 1:42 PM

(ВИДЕО) Без тројца голмани, со Енцо Перез помеѓу стативите и 20 случаи на коронавирус, Ривер успеа да победи во Копа Либертадорес

Доколку мислевте дека јужноамериканскиот фудбал не може да биде „полуд“ од вообичаено, дефинитивно сте погрешиле.

Ривер Плејт минатата вечер во рамките на групната фаза од Копа Либертадорес, го совлада колумбиски Санта Фе со 2:1, но тоа во нормални околности не би требало да претставува којзнае каква вест со оглед на изразениот квалитет на аргентинскиот гигант во однос на противникот.

Победата на Ривер над Индепедиенте Санта Фе се најде во центарот на вниманието, поради несекојдневното и нереално сценарио одиграно на „Монументал“.

Коронавирусот влезе во таборот на Ривер уште минатата седмица и дербито од купот изминатиот викенд со Бока Јуниорс беше доведено до прашање. Фудбалските авторитети ниту тогаш, ниту пак сега против претставникот на Колумбија, не сакаа да размислуваат за одложување или некакви отстапки.

Натпреварот кој Ривер го загуби по пенал серијата од вечниот непријател сепак се одигра, но коронавирусот создаде дополнителни проблеми во редовите на црвено-белите, откако повеќе од 20 фудбалери биле позитивни на последните тестирања во пресрет на дуелот од Копа Либертадорес.

Па така, тренерот Марсело Гаљардо одвај склопи тим што ќе настапи со Санта Фе. Бидејќи сите тројца пријавени голмани беа заразени и надвор од стројот, играчот од средината на теренот Енцо Перез мораше да облече голмански ракавици и да застане помеѓу стативите. На клупата на Ривер, освен Гаљардо и неговите помошници, немаше никој.  Да, Ривер на овој двобој излезе без замени и само со прва, со тешки маки склопена постава.

 

Погодете кој го понесе МВП признанието на крајот од дуелот? Енцо Перез. Некогашниот играч на Бенфика го зачува својот гол и не дозволи повеќе од еднаш да биде затресена мрежата на домаќинот. Неговата призменост и стабилност, на Ривер му донесе пласман во елиминационата фаза од престижното клупско натпреварување, а покрај тоа, Перез со херојското издание во очите на фановите на клубот од Буенос Аирес засекогаш ќе остане запаматен како легенда.

Да биде приказната уште повеќе филмска, верувале или не, Енцо Перез целиот меч го одиграл со повреда.

Не сите херои носат наметки. Некои, знаат да носат ракавици и радост.

 

Фото:

Twitter

д.ј