Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли барањето на американскиот претседател Џо Бајден за деескалација на ситуацијата во Појасот Газа и истакна дека нападите ќе продолжат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нетанјаху изрази благодарност за поддршката на САД кон Израел и залагањето на Вашингтон за израелското право на самоодбрана, но инсистираше на тоа дека операциите ќе продолжат „сè додека не се исполни нивната цел“, се вели во соопштението на неговиот Кабинет.
Нетанјаху истакнува дека нападите ќе продолжат „за враќање на спокојството и безбедноста“ на Израелците.
Рано вчера, Белата куќа соопшти дека Бајден му кажал на Нетанјаху дека очекува Израел да ги деескалира воените напади врз Појасот Газа.
„Претседателот му пренесе на премиерот дека денеска очекува значителна деескалација на патот кон прекин на огнот“, изјави портпаролката Карин Жан-Пјер за новинарите во авионот „Ер форс уан“ (Air Force One).
Министерството за здравство соопшти дека најмалку 227 Палестинци загинаа, од кои 64 деца и 36 жени, а 1.620 се повредени во израелските напади во блокираниот Појас Газа.
Дванаесет лица во Израел загинаа во ракетите истрелани од Појасот Газа.