Освојувајчот на европската титула со црвено-црните, Кристијан Дисингер, од следната сезона го напушта Вардар и се преселува во екипата на Динамо Букурешт, соопштија Романците на нивните социјални платформи.
Триесетгодишниот бек-шутер, утре ќе го одигра последниот меч во дресот на вардарци против Еурофарм Пелистер во Битола и ќе се „пакува“ за Романија, земјата која неколку години се обидува да го рехабилитира ракометот и повторно да се етаблира помеѓу елитата, на клупско и репрезентативно ниво.
Некогашниот најдобар јуниор на планетата, за Вардар настапуваше во изминатите три сезони, а во романската престолнина ќе се задржи две години.
Екс-ракометарот на Кадетен Шафхаузен и Кил, практично ќе ги замени местата со хрватскиот интернационалец, Анте Кудуз, кој во кампањата 2021/22 ќе ги брани боите на македонскиот ракометен бренд.
Покрај Дисингер, романските прваци ќе се засилат и со искусниот француски пикер, Седрик Сораиндо.