Кина ги критикуваше Соединетите Американски Држави (САД) поради улогата на Вашингтон во израелските напади врз Палестинците, додавајќи дека нивното вето го парализирало Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Кина синоќа повика на потполн прекин на огнот на Израел во Палестина.
„Она што САД го прават среде палестинско-израелскиот судир е длабоко разочарувачки. Дали се тоа човекови права кои САД ги промовира кога палестинскиот народ страда или е тоа изговор да служи на американските интереси?“, порача на Твитер портпаролот на Министерството за надворешни работи, Џао Лиѓијан.
Лиѓијан пред тоа на прес-конференцијата изјави дека САД, наместо преземање на проактивни мерки за спречување на палестинско-израелскиот судир, е подготвен да ја поттикне напнатоста.
„САД без преседан се изолирани во Советот за безбедност и стојат на спротивната страна на совеста и моралот на човештвото“, изјави тој.
Осврнувајќи се на одлуката на САД уште еднаш да го спречи Советот за безбедност на ОН да упати заедничка изјава во врска со нападите на Израел врз Палестинците, Лиѓијан рече дека меѓународната заедница е длабоко вознемирена поради односите на Вашингтон кон палестинско-израелскиот судир.
„Зошто САД беа толку нечувствителни кон човековите права на палестинскиот народ, додека непрестајно зборуваат за почитување на човековите права на муслиманите?“, запраша тој.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи е скептичен за наводите дека американскиот претседател Џо Бајден го поддржува прекинот на огнот во нападите на Израел врз Палестинците.
Кина, како земја која претседава со СБОН во мај и привремените членки Норвешка и Тунис поднесоа нова иницијатива за заеднички чекори по третиот состанок на Советот за безбедност.