Фрустрациите околу блокадата на разговорите за членство и испораката на вакцини дава шанса на Кина и Русија, вели премиерот Зоран Заев во интервју за магазинот „Политико”, предупредувајќи ја ЕУ дека ќе добие удар врз репутацијата на Балканот и ќе загуби повеќе простор пред ривалските сили доколку не започне преговори со Северна Македонија и Албанија.
Заев, во интервјуто направено во рамки на неговата минатонеделна посета на Атина, вели дека неуспехот да се започнат преговорите ќе влијае на само на Северна Македонија и Албанија, туку и на поширокиот регион на Западен Балкан. Ако ЕУ не ги исполнува своите ветувања во регионот, тоа исто така ќе биде и помал поттик за Косово и Србија да најдат решение во спонзорираните од ЕУ разговори и ќе направи да биде помалку веројатно Босна и Херцеговина да ги спроведе потребните реформи.
Доколку патот на регионот кон ЕУ забави, тоа според Заев, ќе отвори повеќе простор за другите сили, особено за Русија и Кина.
Заев, исто така, ја отфрла и идејата на еврокомесарот Оливер Вархеји за раздвојување на Албанија и Северна Македонија за почеток на преговорите.
– Има јасна порака против одвојувањето и се надевам дека Бугарија ќе биде разумна, вели Заев за „Политико”.
Во интервјуто, Заев проблемот го опишува како „несуштински” и изразува оптимизам дека може да се најде решение за спорот со Бугарија.
Тој се надева на помош од западните сили, вклучително американскиот претседател Џо Бајден.
Доколку нема напредок, предупредува Заев, процесор на проширување ќе биде замрзнат најмалку уште година и половина, поради изборите во Бугарија, Германија и Франција.
– Толку многу жртви и после тоа ЕУ да не испорача. Тоа е проблем. Покажавме повеќе европски вредности и манири од ЕУ, истакнува Заев.
Во однос на вакцините, вели дека неговата влада платила политичка цена за довербата во солидарноста на ЕУ.
Наспроти сите неуспеси во последниот период, Заев е оптимист дека ЕУ брзо може да ја поврати довербата, со брзо отворање на разговорите за членство.
МИА