Исповед на жена која го преживеала нападот врз Хирошима – ММС
ММС

Објавено на: 08/7/18 8:47 AM

Исповед на жена која го преживеала нападот врз Хирошима

Пред 73 години, тогаш 18-годишната Хироко Цацуми го преживеала нападот на Хирошима. Тоа утро, 6-ти август 1945 година, Цацуми чекала воз за да стигне до воената база каде работела како секретарка.

Меѓутоа, наместо да застане на станицата, возот продолжил да се движи, а додека размислувала зошто тој продолжил да вози, градот одеднаш блеснал од силна светлина. Набрзо дознала дека американскиот авион фрлил атомска бомба врз Хирошима, убивајќи речиси 80 илјади луѓе, а 70 отсто од градот бил уништен.

Хироко поминала без повреди, а нејзината мајка и помладиот брат кои биле во домот, исто така преживеале.

“Доколку застанеше возот, јас ќе бев мртва бидејќи следната станица беше речиси уништена. Тоа всушност ми го спаси животот”, се присетила таа.

Во бомбардирањето, Хироко изгубила бројни пријатели, а во деновите кои следеле, таа гледала мртви и ранети лица на улиците. Многумина од нив останале скаменети од ударот.

“На преживеаните им се лупеше кожата, им отпаѓаа цели парчиња од лицето и телото”, изјавила таа, додавајќи дека и самата имала кожни проблеми како производ на радијацијата.

Денес, 91-годишната Цацуми живее во Пенсилванија и вели дека не чувствува лутина.

Не можам да објаснам, но никогаш не чувствував бес и лутина поради тоа”, рекла таа.

Интересно е тоа што по Втората светска војна, Хироко стапила во брак со американскиот војник Ленард Јанг. Тие се преселиле во САД и добиле две деца, а голем дел од нејзиното семејство не ни знаеле дека таа го преживеала нападот.

 

Преземено од:tocka.com.mk