Нетанјаху побара од американската администрација период од неколку дена за ставање крај на нападите врз Газа – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/21 3:35 PM

Нетанјаху побара од американската администрација период од неколку дена за ставање крај на нападите врз Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара од американската администрација период од два до три дена пред да стави крај на својата воена операција во Појасот Газа, изјавија за Агенција Анадолија (АА) извори запознаени со разговорите за прекин на огнот меѓу Израел и палестинските фракции.

Изворите, кои не сакаа да бидат именувани, велат дека израелското барање било упатено откако од Вашингтон во неделата и вчера побарале од Нетанјаху да стави крај на агресијата врз окупираната територија.

Во меѓувреме, Барак Рафид, политичкиот дописник на израелскиот медиум „Вала“, за „Си-ен-ен“ изјави дека на Армијата ѝ се потребни 24-48 часа да стави крај на операцијата во Газа.

„Пораката на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден до Израел е дека времето за запирање на операцијата истекува“, рече тој.

По телефонскиот разговор меѓу Бајден и Нетанјаху синоќа, Белата куќа соопшти дека Бајден ја изразил својата поддршка за прекин на огнот и разговарал за американскиот ангажман со Египет и другите партнери за таа цел.

„За време на повикот, Бајден ја повтори својата цврста поддршка за правото на Израел да се брани од неселективните ракетни напади“, се вели во соопштението.

Сепак, изворите запознаени со деталите за контактите за прекин на огнот истакнаа дека Нетанјаху одбива да преземе каква било обврска во замена за прекин на огнот.

Израелската јавна радиодифузна корпорација (IPBC), повикувајќи се на израелски извори запознаени со тековните разговори за прекин на огнот, јавува дека постојат „знаци на оптимизам“ во врска со можноста за завршување на воената операција врз Појасот Газа.

Кабинетот на Нетанјаху, сепак, ги негираше гласините, соопшти Израелската јавна радиодифузна корпорација (IPBC), додека израелскиот министер за енергетика, Јувал Штајниц, за каналот изјави дека ја исклучува можноста за завршување на воената операција во Појасот Газа во наредните денови.

„Бројот на жртвите од тековните израелски напади врз блокираниот Појас Газа се искачи на 213“, соопшти палестинското Министерство за здравство. Меѓу жртвите се и деца и жени, додека во нападите повредени се 1.442 лица.

Досега во ракетните напади на Палестинците од Појасот Газа кон Израел загинаа десет Израелци.

Неодамнешните тензии што започнаа во Источен Кудс (Ерусалим) за време на светиот муслимански месец Рамазан се проширија и во Газа како резултат на израелските напади врз верниците во џамијата „Ал-Акса“ и населбата Шеик Џарах.,