Побрзо до иселеничка виза отколку до билет за фудбал – Македонија нема да добие повеќе од 1500 влезници за Евро 2020 – ММС
ММС

Објавено на: 05/19/21 10:00 AM

Побрзо до иселеничка виза отколку до билет за фудбал – Македонија нема да добие повеќе од 1500 влезници за Евро 2020

Од Фудбалската федерација на Македонија велат дека не знаат колкав контингент на влезници за Евро 2020 ќе им биде одобрен од УЕФА, но тоа нема да бидат повеќе од 1.000 – 1.500  влезници.

Европската куќа на фудбалот ќе одвои околу 8% од влезниците за нашата федерација, а исто толку ќе им припаднат на австриската и украинската репрезентација со кои ќе се сретнеме во Букурешт.

Иако речиси 13.000 гледачи ќе можат да ги гледаат мечевите на Македонија на Националната Арена во Букурешт, останатите влезници ќе бидат наменети за публиката во Романија.

Од ФФМ потврдија дека ќе се доделуваат кодови за пристап до сајтот на УЕФА по случаен избор откако заинтересираните фанови ќе испратат барање на мејлот, но оние „обичните“ навивачи не треба да очекуваат премногу, затоа што ќе останат многу малку во слободна продажба.

Дел од влезниците ќе добијат фудбалерите и нивните семејства, додека приоритет ќе имаат и здравствените работници како дел од ветувањето кое ФФМ го даде уште минатиот ноември кога Македонија се пласираше на Евро 2020.

Начинот на доаѓање до влезница кој го објави УЕФА е проблематичен затоа што секој кој е заинтересиран за останатите влезници ќе мора да добие код за купување од ФФМ што може да доведе до фаворизирање на одредени луѓе или организации.

Влезниците за натпреварите на македонската фудбалска репрезентација во Букурешт и во Амстердам се во продажба од завчера од 14 часот, објави Европската фудбалска федерација УЕФА.

На својата интернет страница за влезници за Евро 2020, УЕФА најави дека влезиците ќе се продаваат од денеска до 26 мај до 14 часот, а ќе се продаваат по принципот – прв пријавен, прв услужен.

„Фудбалската федерација на Македонија треба да обезбеди код за порталот за купување влезници за сите навивачи кои претходно ја исконтактирале федерацијата. За повеќе детали контактирајте и испратете мејл на Билјана Велковска. Кодот е валиден само за едно купување“, стои во објавата на УЕФА.

„Заинтересираните поддржувачи на македонската репрезентација за купување билети за натпреварите од ЕУРО 2020 може да аплицираат за билети за мечевите на Македонија до 25. мај до 23:30 часот.

Преку електронска најава (име и презиме, натпревар(и) од ЕУРО 2020 заинтересирани да го следите и број на билети) испратени на e-mail адресата biljana.velkovska@ffm.com.mk, најпрвин се пријавуваат заинтересираните навивачи за купување билети, а доколку има можност барањето да се одобри, на e-mail адредсата од која е испратено барањето добивате посебен код за пристап на платформата на УЕФА за продажба на билети за ЕУРО 2020.

Специјалниот код за пристап и добивање можност за купување на билети за натпреварите на македонската репрезентација од Европското првенство е ограничен со можност за купување на два или најмногу четири билети за натпреварите од групата на Македонија од ЕУРО 2020.

Сите билети кои Фудбалската федерација на Македонија има можност да ги понуди за продажба на македонските навивачи се од категорија 3. Цената на чинење на еден билет изнесува 30 Евра за натпревар во Букурешт, односно 50 Евра за третиот натпревар од групата против Холандија во Амстердам“.

ФФМ до минатата недела немаше информации кога ќе почне продажбата и колкав контингент на влезници ке добие затоа што се чекаше Романија и Холандија да ги потврдат протоколите за влез на навивачи и точниот број на седишта на стадионите на кои ќе се играат мечевите од Евро 2020.

Најнова информација од Романија е дека македонските државјани кои ќе ги следат дебитантските натпревари на националниот тим во Букурешт ќе можат да влезат во Романија со негативен ПЦР-тест кој ќе важи за целиот период на престој. Тоа значи дека фановите во Букурешт ќе може да ги поврзат двата натпревара против Австрија и Украина на 13-ти и на 17-ти јуни без да треба да ја напуштат земјата пред истекот на 72 часа колку што важеше еден тест и без да треба да поминат во карантин 15 дена.

Но, детали од УЕФА нема ниту за тоа колку влезници ќе може да се купат, дали може да се купат поединечно или ќе одат во пакет за трите меча.

Македонија третиот меч од групата го игра на 21 јуни со Холандија во Амстердам. За тука нема детални информации за присуство на странци освен правилото за негативен ПЦР-тест кој ќе биде задолжителен за влез на стадионот.

Орце Костов

фото: bleacherreport.com