(Видео) Два часа плачев од среќа и убава енергија – Васил Гарванлиев е подготвен за настапот на Евросонг – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/21 11:35 AM

(Видео) Два часа плачев од среќа и убава енергија – Васил Гарванлиев е подготвен за настапот на Евросонг

-Утрово се разбудив во шест со необична и убава енергија. Се исплакав до осум часот, ја пуштив убавата енергија која дојде, да помине низ мене. Плачев од среќа и убава енергија. Тоа е чувство што не можам да го опишам,  рече Васил Гарванлиев за ММС утрово, пред да ги почне подготовките за вечерашниот настап, на првата полуфинална вечер на Изборот за песна на Евровизија, што се одржува во Ротердам, Холандија.

Васил вчера ја имаше последната генерална проба, односно вчера вечерта се снимаше целата прва полуфинална вечер и ќе биде користена како снимка, доколку, не дај боже, некој од учесниците покаже позитивен резултат на тестот од Ковид-19.

На настапот Васил вчера блеснал и добил голем аплауз.  Жири комисијата од цела Европа врз основа на вчерашниот настап ги дала своите гласови, а за вечер останува да се види што ќе каже публиката.

-Презадоволен сум од мојот настап.  Цела сцена е исполнета  со љубов и енергија. На крајот од настапот  ќе светне изгрејсонце на сцена. Има специјален ефект, изгрева сонцето зад мене. Па и главната порака на целиот настап е темнината ја претвараме во светлина и шириме љубов, вели за ММС Васил и додава:

-После сите турбуленции низ кои поминав не ми е важно ништо, самото нешто што стасав до Ротердам е успех и имаме прекрасни коментари.  Подготвен сум да пеам за сите нас. Добивам пораки од новинари што ме гледале на Јутјуб и не очекувале дека толку ќе се допрени од  мојата енергија. Најважно ми е да допрам до луѓето, вели Васил.

Дека Васил е опсипан со пофалби потврди и Јилмаз Дервиши, неговиот ПР.

-Нема да бидам скромен, но претставувањето на Васил, не се само тие три минути. Од првата проба на седми, нема делегација, нема вклучен човек од самата продукција на ЕБУ, кој не ни пријде и не ни се поклони и ни кажа -браво, имате топ настап. Многу е значајно кога имате комплимент од професионалци. Вчера после настапот неколку пејачи во зелената соба го викаа и му рекоа- браво. Тоа не е фејк комплимент, туку искрено. И првата проба добиваме комплименти,  ни викаат имате топ перфоирманс и тоа е многу важно за нас. Тоа е нешто што публиката не го гледа во тие три минути претставување на сцена, вели Јилмаз.

Васил вечерва ќе блесне во креација на нашиот дизајнер Раде Василев, кој се погрижи за вкупното преставување на тиркизниот тепих и на сцена.

-Раде Василев, секако и јас и  Тине Мари ја смисливме гардеробата. И за тиркизниот килим се е заслуга на Раде и метафората со огледалото дека секогаш ја кажува вистината, не лаже е негова идеја, вели Васил.

Пред настапот на Васил ќе се емитува разгледница од 30 секунди, во која се претставува пејачот и државата. Разгледницата на Васил ќе се врати на корените, од „Марионка“, таму од каде почна се.

Александра Јовановска, шефица на македонската делегација за Ротердам исто така е задоволна од се што се случува околу нашиот настап во Ротердам, но и од вчерашниот настап на Васил.

-Задоволни сме од тоа како течеа пробите, од тоа како Васил ја доловува песната и од коментарите и пофалбите од продукцијата. Навистина имаме право да веруваме на добар резултат.  Успех е самото тоа што сме овде, сите делегации се чувствуваат како победници, што придонесуваат шоуто да се врати назад, да и се подари на публиката музика во време кога сите сеуште се бориме со пандемијата. Задоволство е да се работи со Васил, исклучително е професионалец, многу се вложи во проектот и ја владее сцената. Се надвеаме дека жирито на вчерашната проба ги препозна неговите вокални способности и капацитет да ја долови песната на сцена и се надеваме дека вечерва публиката ќе успее да се поврзе со емоцијата и пораката што тој ќе им ја пренесе. Генерално мирно е и тивко овде, нема нервози. Во тимот владе хармонија и  секој си ја врши својата задача. Ние сме седум луѓе во тимот и рековме дека ќе си веруваме во процесот на работа и ќе си дадеме поддршка и љубов. Сите сплотени за да на Васил му дадеме енергија за да биде релаксиран на сцена, вели Александра Јовановска, шеф на македонската делегација за Ротердам.

Евровизија почнува од вечерва а ќе трае до сабота, кога ќе се одржи финалето. Вечерва со почеток од 21 часот ќе се одржи првата полуфинална вечер, на која настапува Македонија, односно Васил ќе запее шести по ред. МТВ ќе врши директен пренос од сите три вечери. Останува  само да му стискаме палци и да му посакаме среќа на Васил. Публиката да ужива во шоуто и музиката и за миг да се заборават сите тешкотии што ги живееме од минатата година поради пандемијата.

 

Весна Миленковска

Фото: eurovision.tv/ Фејсбук