Автопат Кичево-Охрид: Бочварски најавува предлог за анекс на договорот за продолжување на рокот за изградба – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/21 11:09 AM

Автопат Кичево-Охрид: Бочварски најавува предлог за анекс на договорот за продолжување на рокот за изградба

Следниот месец во Собранието ќе биде доставен Предлог-закон за анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, со којшто ќе се продолжи рокот за изградба – најави денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Тој вели дека и Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта преговараат со изведувачите и со кредиторите за продолжување на рокот за изградба, кој според сегашниот анекс истекува идниот месец.

„Во однос на автопатот Кичево-Охрид имаме прогрес на работите од 62 %.  Значи реализирани се 62 отсто од работите за овој гломазен инфраструктурен проект, а останатиот процент на реализација се работи. Министерството за транспорт во изминатиот период од месец и половина одобри уште 20 инфраструктурни проекти што значи на уште 20 позиции даваме шанси за уште побрз развој на настаните и изградба на овој автопат“, посочи ресорниот министер.

„Од 70 инфраструктурни проекти кои ни стигнаа , 70 измени на овој пат, ние веќе 20 имаме одобрено, отвораме силен фронт во оваа градежна сезона за продолжување на активностите“, додаде Бочварски.

За реализација на целиот проект предвидени се 598 милиони евра и според министерот, во овој момент не се потребни дополнителни средства.

Одговарајќи на новинарско прашање за изградбата на брана на реката Отиња, Бочварски денеска информираше дека е поминат последниот чекор, односно електронската аукција.

„Ние го поминавме последниот чекор, а тоа е електронската аукција. Во моментот течат роковите за жалба, штом ќе завршат  тие рокови, по завршувањето на сите постапки јас сметам дека  тоа би се случило многу скоро. Ова е најголемиот проект за општина Штип и драго ми е што конечно се наоѓаме пред избор на фирма изведувач која ќе почне да го гради овој проект. Пари има во Министерството затранспорт и врски и веднаш по преземањето на обврските од страна на градежна компанија  ние ќе влеземе во работа. Роковите за жалби завршуваат, тоа се законски предвидени рокови кои треба да ги испочитуваме“, порача Бочварски откако во вакциналниот пункт во Штип се вакцинираше против ковид-19.

Прашан какви се неговите прогнози за капитални инвестиции годинава, тој рече дека минатата година, кризата и’ нанела силен удар на државата.

„Владата лани имаше реализација на 80 % од капиталните инвестиции, тоа е висок процент во време на пандемија. Градежништвото го издржа ударот, го преброди добро овој период и ние ги движиме проектите. Во зимските месеци Миниситерството имаше над 15 % реализација на капитални  инвестиции, продолжуваме со работа и во вториот квартал. Ова не е битка   само на здравствениот систем туку на сите економски ресори“, додаде Бочварски.

 

Фото: Архива

В. Ми