Модерното време носи нова свежина на свадбените прослави. До вчера свадбите беа збогатени со музички ѕвезди и диџеи, а како кулминација се сметаа зурлите, тапаните, трубачите или, пак танчерките. Но, сега нов свадбарски тренд е стенд ап шоу за развеселување на гостите. Првиот човек, кој го скрши свадбарскиот мраз и кој ги насмеа гостите на свадба е комичарот Бојан Велевски, кој за ММС ги сподели свадбарските шеги на веселите и потпивнато расположени гости.
Свадба поради пандемијата немало повеќе од една година, но како најави министерот Филипче дека се размислува за старт на свадбите на отворено решивме да го прашаме Велевски, да ни објасни што тоа се случува и како може гостите повеќе да се забавуваат на стенд ап отколку на чочек.
-Настапот е веднаш по вечерата. Луѓето се смирени, адреналинот е спуштен и ова е совршен тајминг за перформансот. Јас додека зборувам, нема музика. Фокусот е на стенд ап-от и секако на младите, ни рече тој и како се решил на оваа идеја.
-Првиот стенд-ап на свадба ми беше во септември 2018-та. Сосема случајно. Една двојка беа навистина многу упорни да настапам на нивната свадба. Јас неколку пати ги одбив, бидејќи сметав дека на еден ваков перформанс местото не му на свадба. Последниот пат кога разговаравме тие ми раскажаа 3-4 фори од еден мој настап во Џубокс од пред 7-8 години, тогаш сфатив дека се големи фанови на она што го работам и затоа прифатив – раскажува Бојан.
Тој отишол на свадбата со страв, но си заминал презадоволен. Реакцијата на луѓето била одлична и тогаш решил дека треба да си даде шанса и да ги забавува гостите и младоженците. А, тие возбудени пред најсреќниот ден од животот, во принцип не знаат што да побараат од него.
-Во принцип не знаат што да бараат, бидејќи ова се’ уште е ново. Затоа јас ги водам низ процесот додека разговараме, им го пренесувам моето искуство од другите веселби и им кажувам што искуството покажало дека е најдобро, вели тој и додава:
-Најлесно се договарам со оние кои веќе ме виделе на туѓа свадба и после секој настап имам разговор со три или четири парови кои планираат веселба. Не ретко се случува и да ми пристапат родителите чии деца наскоро ќе стапат во брак или кумот кои го чека венчавка, па неретко се случува да бидам гостин како посебно изненадување – вели Бојан.
Музиката се стишува, се очекува некакво изенадување гостите во исекување, вообичаено „жадиња“ или трубачи, па се збунети и подзинати кога ќе видат комичар со микрофон во рака и се прашуваат што ли ќе се случува тука.
– Изненадени се кога ќе се појавам во ресторанот сред свадба. Уште тогаш насетуваат дека нешто ќе се случува бидејќи на повеќето им е јасно дека не се познавам со младите. Реакциите се 90% во склоп со настапот. Нормално, свадба е, некој е поднапиен, ама брзо реагирам, искуството и микрофонот се на моја страна и било која ситуација ја претварам во позитивна енергија, раскажува Велевски за атмосферата на свадбите.
Тој вели дека прави шеги за сите, но ни откри и на чија сметка најмногу се шегува:
-На своја се разбира. Добро и на младоженецот. Јас и тој сме во иста каша. Само што тој уште не е свесен во што влегол. Хахаха. Јас сум тука да му појаснам што го чека и на што треба да внимава – се шегува тој.
Пандемијата ја зголеми цената на многу прехрамбени производи, но од сите најмногу внимание привлече зејтинот, на чија цена најмногу се реагира. Затоа Бојан почнал да се шегува на своја сметка, и кажувал дека наплаќа и со пари и со зејтин.
– Наплаќам во денари, странски валути и зејтин. Не сум роаминг за да им наплаќам по минута. Хахаха. Настапот трае 25-30 мин. Имам и 3-4 свадби кои биле ептен опуштени, буквално забави како во диско и тука сум настапувал и по 45 мин, но цената е таа, без разлика дали перформансот ќе трае 15-20 или повеќе минути од договореното. Важно е да трае онолку колку што треба, ни минута повеќе од природниот тек и атмосфера. Да се застане кога е најслатко, за впечатокот да биде силен.
Весна Петровска
фото: Приватна архива на Фејсбук