Олигархијата во спрега со власта го труе народот со токсично масло, велат од Левица – ММС
ММС

Објавено на: 05/18/21 10:01 AM

Олигархијата во спрега со власта го труе народот со токсично масло, велат од Левица

Објавената сторија на ИРЛ, за увоз на опасно масло, кое е забрането во ЕУ, јасно покажа дека за приватниот капитал нема граници, ниту принципи, кога е во прашање максимизирање на профитот. Изминативе години, додека годишно над 3.000 животи беа жртви на загадениот воздух, социјал-демократската власт дозволувала увоз на токсично масло, под лажен назив “масло за горење”, преку анонимна фирма од Кичево, реагираат од партијата Левица.

Тие додаваат дека кичевската фирма „Евротим”, без никакво портфолио, преку босанска фирма увезувала опасно масло, со кое ги снабдувала, пред се, поранешната компанија Фени и велешката фирма Брако, поврзана со Кочо Анѓушев. Токму поранешниот вицепремиер Анѓушев, бил главниот посредник кој овозможил кичевската фирма да го увезува маслото преку босанската фирма Хулф Оил, која ја следат повеќе скандали на корупција.

-Со токсичното масло биле снабдувани дури седум болници, меѓу кои и кумановската болница за која и оваа година Владата не одвои буџетски средства за нејзина гасификацација. Токму Куманово рушеше рекорди на загаденост и го стигна приматот на најзагаден град во светот. Сепак, од токсичното масло најмногу профитирале приватните фирми, затоа што истото има енормно пониска цена, поради неговата забрана за користење во Европа. Додека Владата на СДСМ трошеше државни пари за скапа кампања за влез во ЕУ, истата со грубо кршење на европските регулативи, дозволила влез на канцерогено масло во државата. Покрај Брако, најголем увезувач на токсичното масло е поранешно Фени Индустри на актуелниот градоначалник Митко Јанчев, кое е познато меѓу кавадарчани по неговите оџаци на смртта, стои во соопштението до јавноста.

Од Левица сметаат дека за скандал од вакви размери, каде директно е доведено во прашање животот на сите граѓани, поранешниот вицепемиер Кочо Анѓушев уште вчера морало да биде повикан пред истражните органи, а Основното јавно обвинителство исто така мора да покрене истрага и да утврди одговорност за сите институции кои биле запознаени со случајот и ништо не преземале.

Опозиционата партија бара кривична одговорност од поранешниот директор на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски, во чие раководење се реализирал скандалозниот увоз и бара од актуелниот директор Горан Сугаревски веднаш и неодложно да ги преземе сите чекори во увозот на ваквото опасно масло.