Влезниците за натпреварите на македонската фудбалска репрезентација во Букурешт и во Амстердам од попладнево се во продажба, објави Европската фудбалска федерација УЕФА.
На својата интернет страница за влезници за Евро 2020, УЕФА најави дека влезиците ќе се продаваат од денеска до 26 мај до 14 часот, а ќе се продаваат по принципот – прв пријавен, прв услужен.
„Фудбалската федерација на Македонија треба да обезбеди код за порталот за купување влезници за сите навивачи кои претходно ја исконтактирале федерацијата. За повеќе детали контактирајте и испратете мејл на Билјана Велковска. Кодот е валиден само за едно купување“, стои во објавата на УЕФА.
ФФМ до минатата недела немаше информации кога ќе почне продажбата и колкав контингент на влезници ке добие затоа што се чекаше Романија и Холандија да ги потврдат протоколите за влез на навивачи и точниот број на седишта на стадионите на кои ќе се играат мечевите од Евро 2020.
Најнова информација од Романија е дека македонските државјани кои ќе ги следат дебитантските натпревари на националниот тим во Букурешт ќе можат да влезат во Романија со негативен ПЦР-тест кој ќе важи за целиот период на престој. Тоа значи дека фановите во Букурешт ќе може да ги поврзат двата натпревара против Австрија и Украина на 13-ти и на 17-ти јуни без да треба да ја напуштат земјата пред истекот на 72 часа колку што важеше еден тест и без да треба да поминат во карантин 15 дена.
Но, детали од УЕФА нема ниту за тоа колку влезници ќе може да се купат, дали може да се купат поединечно или ќе одат во пакет за трите меча.
Македонија третиот меч од групата го игра на 21 јуни со Холандија во Амстердам.
Орце Костов