Најголем „клиент“ на компанија од Кичево, која го увезувала спорното масло од Чешка преку Босна и Херцеговина, е поранешната фабрика ФЕНИ, а сега „Еуроникел“ од Кавадарци. Друга позната домашна компанија која го користела горивото е „Брако“ на бизнисменот и поранешен функционер Кочо Анѓушев. Според ИРЛ, двете компании почнале да го користат „босанскиот“ мазут по средба во Владата меѓу Кочо Анѓушев, како тогашен вицепремиер, и претставници на босанската и домашната фирма вклучени во набавката.
Токсични масла опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз во Македонија влегувале како мазут, се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава, открива првата епизода од документарниот серијал „Редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Спорното горивото го увезувала „Евротим ГДС“ од Кичево, а потеклото му било од „Унипетрол“ од Чешка. Чешката компанија го класификувала маслото како „residual“, што е нафтен дериват кој се смета за поопасен и поштетен од мазутот и во ЕУ е забранет да се користи во урбани средини. Од „Унипетрол“ за ИРЛ потврдиле дека опасното масло може да се користи како гориво само за големи бродови на отворени води и големи индустриски капацитети. Маслото, сепак, не одело директно до земјава, туку преку босанската „Хифа оил“. При влезот во земјава, горивото се запишувало како масло за горење и потоа увозникот го продавал на домашниот пазар.