Жителите на населените места од Поречието преку протест ќе изразат граѓанска непослушност, револтирани од нереализираното ветување дека ќе биде изграден пат до Скопје. Кога точно ќе се одржи протестот, велат дека се’ уште не знаат, но најавуваат неколкучасовна блокада на регионалниот пат 1106 кон шумскиот резерват „Јасен” и на патот од селото Нова Брезница до браната Козјак.
„Од Скопје до Самоков сé уште се стига само низ резерватот Јасен и тоа во три тремини во лето и два во зима. Траса долга 16,5 километри се вози по пат широк само 2,5 метри и тоа по распоред од по 30 минути за еден правец. Доколку се задоцни за овие термини, тогаш треба да се возат околу 200 км преку Кичево до Скопје. Ова е вистинска голгота и за оние 800 жители кои секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион“, велат во денешното соопштение од здружението „Поречки средби“ .
Иако со изградба на акумулацијата Козјак беше најавено пробивање две траси покрај езерото, со што би се решил деценискиот проблем и ќе се остварат елементарните човекови права на жителите од Поречието, ова остана само на хартија – забележуваат од здружението.
Првиот човек на ова здружение, Горан Ѓуроски во изјава за Македонски медиа сервис потенцира дека во овој регион гравитираат над 40 села и 6 викенд населби. Луѓето кои живеат таму вели тој, тешко доаѓаат до здравствени услуги поради лошата инфраструктура.
„Луѓето не можат ни до болница да идат, па за каква Европа ние зборуваме? Има пчелари и луѓе кои имаат квалитетни органски производи, но нема пат и не можат да отидат до Скопје да го продадат она што го произведуваат, за да си остварат поголема заработувачка“, вели Ѓуроски.
Тој и останатите жители веќе испратиле барање за изградба на пат до Владата, до Генералниот секретаријат и до премиерот, а биле на средба и во самата општина. Оттаму им порачале дека даваат поддршка за нивното барање, но сепак тие сакаат да добијат поддршка и со присуство на протестот кој планираат деновиве да го организираат.
„Тука се продадени околу 500 плацови, кои луѓето ги купиле за да си направат викендици или пак куќи за таму да си живеат. Државата треба да направи соодветна инфраструктура за да може луѓето до плацот да стинат како што треба. Ако се подобри инфраструктурата и туризмот ќе живне ќе се отворат ресторани, ќе доаѓаат повеќе луѓе овде“, смета Ѓуроски.
Тој и останатите жители реагираат дека непостоењето регионален пат води кон масовно иселување.
Луѓето се’ повеќе се иселуваат во околните градови, повеќето во Скопје, Тетово и Гостивар, а најмногу во странство што предизвика целосно замирање на стопанскиот и социјалниот живот во овој регион. Од овие причини Општината Македонски Брод е една од најзапоставените и најнеразвиените општини во Република Северна Македонија, што исто така резултираше со големо осиромашување на населението – сметаат поречани.
Тие велат дека се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава и се навредени поради тоа што институциите ги игнорираат. Ѓуроски за ММС истакнува дека овој прблем се провлекува веќе со години и досега три пати се донесени одлуки на владина седница за да се направи овој патен правец, но ништо од тоа не е реализирано.
„Дури и Армијата побара пат за нивните потреби, ние имаме и писмена потврда дека Армијата не прави пречки, туку дава поддршка за реализација на еден ваков проект“, додада тој.
Здружението „Поречки средби“ најави дека доколку не се дојде до решение, жителите во рамките на општината Македонски Брод ќе ги бојкотираат претстојните локални избори закажани за октомври оваа година. Со ова, тие ќе го изразат огромниот револт кон Владата и институциите кои мораат, а кои според жителите, немаат слух за реалните потреби на граѓаните во насока на подобрување на условите на живот и работа.
ММС побара одговори од службата за односи со јавноста на Владата, во врска со тоа дали е разгледано барањето на жителите на Порече и што преземаат или пак, планираат да преземат за да тие не бидат принудени да се селат на други места. До моментот на објавување на оваа сторија, одговор не добивме.
Фото: makedonskibrod.mk
В. Ми