Влеговме во епидемија и „локдаун“, но ние не престанавме да инвестираме и продолживме понатаму. Успеавме да излеземе како победници против пандемијата – порача денеска претседателот на Управниот одбор на винаријата „Тиквеш”, Светозар Јаневски.
Од оваа винарија денес ја објавија својата најнова инвестиција во лозови насади во месноста Бабуна близу Велес.
„Ова подрачје е најдобро за црни вина – гренаш црн, плавец, вранец…се’ се тоа црни сорти специфични за овој дел на регионот“, порача Јаневски.
Новите лозови насади на локацијата Бабуна се дел од повеќегодишна инвестициска програма за унапредување на квалитетот на вината на винарската визба „Тиквеш”, во чии рамки досега се инвестирани над 5 милиони евра во подигнување на нови лозови насади и модерна механизација.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа оцени дека ваквото инвестирање е резултат на добра соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
„Преку многу вакви примери, ние застанавме на лидерското место помеѓу земјите кориснички на ИПАРД во однос на степенот на искористеност на ИПАРД 2. Како резултат на добрата искористеност на средствата од Програмата, за прв пат во историјата, две години по ред 2019 и 2020 година, а сега и во 2021 година, Република Северна Македонија нема да враќа неискористени средства од Програмата. Нашата држава за 60 проценти повеќе ќе добие средства за новата ИПАРД програма 2021-2027, која наскоро ќе биде објавена“, најави Хоџа.
Премиерот, Зоран Заев пак порача дека со оваа инвестиција се потврдуваат неисцрпните можности на македонското сонце и земја за развој на земјоделството.
-Со овој нов потенцијал, Винарската визба „Тиквеш” со долгогодишната традиција на производството на врвни вина, со присуство на над 25 пазари ширум светот и освоени 130 високи награди на реномирани светски вински натпревари само минатата година, претставува најголем промотор на македонските вина на светската винска сцена. Многу е важно што оваа инвестиција ќе придонесе за понатамошно градење на имиџот на земјата како производител на високо квалитетни вина и за етаблирање на македонската винска индустрија – нагласи премиерот на денешниот настан.