Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рано утринава во девет часот ја прими кинеската вакцина „Синофарм“, а само два часа подоцна имунизиран беше и неговиот сопартиец градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски.
Двајцата функционери од спортската сала на СОУ „Перо Наков“ каде во Куманово се врши процесот на имунизација порачаа дека ја извршиле граѓанската и општествена одговорност.
Спасовски вели дека е задоволен што веќе се имунизирани околу десет отсто од граѓаните на Куманово.
– Добро е што во последно време генерално имаме многу голем број граѓани што сакаат да се вакцинираат и уште еднаш ќе апелирам до сите нив да се пријават на vakcinacija.mk, ќе добијат термин и да ја завршат личната и граѓанската должност на тој начин помагаме на себе и на семејството, опкружувањето, рече тој.
Вакцинацијата вели Спасовски нема да биде крај на борбата против коронавирусот, бидејќи по вакцинирањето особено треба да се почитуваат мерките за безбедност.
Градоначалникот Максим Димитриевски исто така ја прими кинеската вакцина, а потоа изрази благодарнсот до сите ангажирани во процесот на имунизација на населението.
– Денеска примив „Синофарм“ вакцина, гледам дека најголем број од вакцините што ги примаат граѓаните се токму такви. Инаку сите вакцини се добри, секоја вакцина која минала тест, апсолутно верувам дека е сигурна и безбедна за секој граѓанин, но упатствата ги даваат сепак здравствените работници, рече градоначалникот.
На пунктот во Куманово, освен кумановци, се вакцинираат и жителите на сите околни општини од Североистокот.
Никола Ивановски