Сања Лукаревска е избрана за заменик-претседател на СДСМ, а меѓу новите членови на партискиот Централен одбор има и познати имиња како Андријана Будимир, Ана Данева Маркова, Софија Пејкова, Нина Фити – Неделковска,…, велат од СДСМ за МИА.
Денешниот 26. конгрес на СДСМ што се одржа онлајн поради корона пандемијата заврши, а во секој момент се очекува да почне седницата на Централниот одбор по што прес-конференција треба да одржи претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Заев ќе ги соопшти сите одлуки и новите кадровски промени.
Од СДСМ за МИА додаваат дека во Централниот одбор има многу нови имиња, повеќе од две третини. Меѓу избраните функционери застапени се лекари, спортисти,…, а се водела сметка и за родовата и возрасната еднаквост.
Лукаревска е избрана со 682 гласа „за“ и два „против“, по предлог на партискиот лидер, Заев. Лукаревска доаѓа на местото на Радмила Шекеринска која беше на оваа позиција два мандата, од 2013 година.
Во почетниот дел од конгресот кој беше отворен за јавноста, Заев порача дека следува обновување на кадровската понуда на СДСМ и охрабрување на различно мислење.
-До конгресот на СДСМ денеска предлагаме 120 кандидати за членови на Централниот одбор и девет кандидати за членови на Надзорниот одбор. Следува обновување на досегашната кадровска понуда на партијата, охрабрување на различно мислење, но и градење на СДСМ за новото време. Од овие 120 кандидати, 60 се жени, 60 се мажи, а 45 се млади. Покрај целосно еднаква застапеност на жените и мажите, имаме и 37,5 проценти застапеност на младите, истакна Заев.
МИА