Колку ќе ги чинат граѓаните, патарините по новиот пат Штип-Скопје, се уште не се знае.
Во изјава за ММС, Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека, кога ќе се изградат наплатните рампи тогаш и ќе се утврдат цените коишто ќе мора да ги плаќаат граѓаните.
„ Начинот на утврдување на цените е ист, нема промени. Тие се пресметуваат согласно законите, согласно тарифникот којшто е одреден во Законот за јавни патишта и тој е еднаков за сите автопатишта во државата, како за автопатите кон Тетово, Велес, Куманово, Гевгелија или Штип. Цените се утврдуваат по километар и тие ќе бидат еднакви за територијата на целата држава“, изјави Бочварски.
Во моментов за патување од Скопје кон Штип или обратно, по новиот автопат се плаќа патарина од 40 денари на наплатната рампа кај Миладиновци.
Инаку според актуелниот правилник, 2,57 денари по километар е цената по која се утврдува цената на патарините низ државата.
Министерот за транспорт и врски Бочварски на почетокот на годината најави дека патарините по новиот автопат ќе чинат 160 денари во еден правец, што предизвика бурни реакции во јавноста.
Дали пресметката ќе остане иста, како што најави Бочварски, ќе се знае откако ќе заврши изградбата на патарините, која што е во тек.