Интересите на граѓаните кои можеби барале од Политичките партии да се донесе законот за легализација но и нечии бизнис интереси, се двата клучни моменти што доведоа пратениците од позицијата и опозицијата со мнозинство да го донесат овој закон, е ставот на пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин, која е една од петте пратеници ко што не гласаа за овој закон.
„ Не очекував дека законот ќе биде изгласан со толку големо мнозинство пратеници од опозицијата и позицијата. Не би сакала да влегувам во шпекулации, која би била причината, но според мене има две. Како прво, навистина има голем број на граѓани коишто бараат да се легализираат дивоградбите, значи се согласуваат со ваквото законско решение, бидејќи во еден момент изградиле бесправен објект и сега сакаат да го легализираат .Значи овие партии сигурно имаат такви барања од граѓаните. Лично и на мене, бидејќи во континуитет сум против дивоградбите некои граѓани ми замеруваат зошто сум против. Значи тие граѓани сакаат својот личен интерес да си го реализираат. Вториот момент е бизнис интересот. Секако дека ќе имаат некаков финансиски бенефит од овој начин на легализација на дивоградбите. Тоа се според мене двата клучни моменти, зошто е и популарно и за двете големи политички партии да носат еден ваков закон. Зошто непопуларно е да се отстрануваат дивоградби и да се руши, ама нема друг начин. Ако вака продолжиме ние ќе го узурпираме целиот простор. Мора да се престане со тоа, личниот или бизнис интересот да биде пред јавниот интерес“, изјави Морачанин во денешното гостување во емисијата Стадион на Канал 77.
Таа се согласува дека на овој начин, ќе се наполни буџетот но и праша – Дали е начин, тоа да се прави со нарушување на законите.
Во врска со легализацијата на објектите од „Скопје 2014“, Морачанин вели дека се што е нелегално треба да се санкционира, да се казни тој што гради бесправно а дивоградбите да се одстранат.
„Не може да се гради бесправно, без разлика дали гради правно или физичко лице или пак државата. Мора да се почитува урбанистичкото планирање,“ вели Морачанин.
Според неа градежните инспектори на локално и државно ниво се одговорни за санкционирање на бесправно изградените објекти.
На прашањето дали ако сепак законот се донесе, би го довеле во прашање учеството во коалицијата, Морачанин вели дека ова не е прашање на коалицијата и Владата, бидејќи овој закон го поддржаа и пратениците од опозицијата и пратениците од позицијата, оваа е некој заедничи интерес.
Објавено на: 05/15/21 1:46 PM