Протест во Кавадарци против Законот за учебници – ММС
ММС

Објавено на: 05/15/21 1:23 PM

Протест во Кавадарци против Законот за учебници

Стотина родители денеска излегоа на мирен протест против новиот Закон за учебници на градскиот плоштад во Кавадарци. Протестот беше организиран од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“.

Беа упатени барања хартиените учебници задолжително да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование, да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование во основното образование, етика на религиите да остане изборен предмет. Исто така се бара да нема спојување на два или повеќе предмети во еден и да се образложи кратењето на фондот на часови по одредени предмети.

„ Овде не сме како членови на политички партии, овде не е важно каква националност и религија сме , туку сме за иднината на нашите деца. Реформи потребни се. Вистина е дека децата се преоптоварени со непотребни информации кои се дел од учебниците, но воведувањето на целосна дигитализација и отфрлање на учебниците не се решение за напредок во образованието на нашето деца. Од една страна промовираме еднаквост, недискриминација од друга страна внесуваме сензитивни предмети, кои подлежат на не еднаквости и дискриминација. Тука има родители кои не спаѓаат во ранливите групи, но едвај врзуваат крај со крај. Дали министерката е запозната со цената на ИТ уредите. Што е со родителите кои имаат по 2- 3 или повеќе деца? Кои се тие педагози и психолози што ја одобрија оваа концепција и го отфрлија развојот на моториката преку пишување и читање “ рече во своето обраќање на протестот Весна Трајкова од граѓанската иницијатива.

Таа нагласи дека не сакаат деца да бидат експериментални глувчиња.
За денешниот протест во изминатите денови родителите се организираа преку социјалните мрежи.

 

Ангел Данов