(Видео) „Ние сме луѓето“ е официјална песна на Евро 2020 – ММС
ММС

Објавено на: 05/14/21 2:40 PM

(Видео) „Ние сме луѓето“ е официјална песна на Евро 2020

„Ние сме луѓето“, официјалната песна на Евро 2020 денес беше пуштена во етер на еден месец пред почетокот на Европското првенство во фудбал кое беше одложено лани поради пандемијата, а на кое ќе учествува и Македонија.

Песната е дело на легендарниот холандски диџеј и продуцент Мартин Гарикс, на фронтменот на групата Ју-Ту, Боно и гитаристот Еџ.

Музичкото дело е создадено за да го слави фудбалот и еден од најголемите настани во светот, а насловот на песната никна од предизвикот со кој се соочија луѓето во целиот свет и нивната борба да најдат одговор на проблемите.

„Песната е како химна која секој може да ја пее, без разлика каде се наоѓа. „Ние сме луѓето“ е рефлексија на позитивноста, надежта и упорноста кои се бараат од секој тим за успех, а нуди и чувство на заедништво, што одговара и на темата на ова Евро 2020 – обединувањето“, соопштија од УЕФА.

На помалку од еден месец до турнирот на кој за првпат ќе земе учество и нашата репрезентација, музичката кампања беше лансирана на џиновски екрани на „Вембли“ во Лондон, а стадионот беше осветлен во боите на Евро 2020.

За првпат Евро 2020 кое беше поместено за оваа година поради пандемијата, ќе се игра на цел европски континент односно во Амстердам, Баку, Букурешт, Будимпешта, Копенхаген, Глазгов, Лондон, Минхен, Рим, Санкт Петерсбург и Севилја. Финалето е закажано за во Лондон на 11 јули.

Орце Костов

фото и видео: UEFA, Youtube