Пандемијата ги зголеми барањата за развод од страна на жените: Онлајн трибина за семејните предизвици во време на ковид-19 – ММС
ММС

Објавено на: 05/14/21 2:37 PM

Пандемијата ги зголеми барањата за развод од страна на жените: Онлајн трибина за семејните предизвици во време на ковид-19

Во изминатите неколку години семејствата се променија значително и во однос на структурата, улогата на семејството, како и значењето на тоа што денес претставува едно семејство. Сите семејства се соочуваат со многу предизвици од кои социоекономските и демографските се најистакнати. Македонското семејство е прилично стеснето, домаќинствата бројат се’ помал број членови, поголем е бројот на еднородителски семејства, самохрани родители, реконструирани семејства, вонбрачни заедници и истпоолови заедници. Ова го истакна истакна Македонка Радуловиќ, раководителка на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет во Скопје, на денешната онлајн трибина посветена на семесјтвата и предизвиците со кои се соочуваат во време на пандемија.

Во пресрет на 15 мај – Меѓународниот ден на семејството, Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Скопје организираше онлајн трибина на тема „Предизвиците на семејствата за време на пандемијата со ковид-19″.

-Семејствата денес се соочуваат со многу проблеми, еден од најзначајните е сиромаштијата. Секој четврт човек живее во беда, а високата стапка на невработеност го оневозможува семејниот живот и остварувањето на економската функција – посочи Радуловиќ.

Од друга страна, семејствата кои имаат приходи и двајца вработени во домот се соочуваат со недостиг на време и потешкотии да го балансираат семејниот живот. Нееднаквата улога на мажите и жените е исто така проблем што е присутен во нашето општество.

Говорниците на трибината говореа за животот во време на пандемија и големото влијание врз семејствата кои имаат лица со попреченост, самохраните родители, реконструирни семејства, семејства кои поминуваат процес на развод и семејства кои претрпеа загуби на блиски членови.

Од социолошки аспект говореше Татјана Стојановска Иванова, професорка на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет и советник за образование и наука во кабинетот на премиерот, Зоран Заев. Стојановска Иванова истакна дека секоја промена што се случува треба да се третира од аспект на примарен фактор на социјализација, односно семејството.

Како позитивни придобивки од пандемијата ги посочи зближување на семејствата, семејните вредности и посветување внимание на најмладите членови.

На трибината говореше и директорката на детската градинка „Орце Николов”, Надица Гировска која ги посочи предизвиците со кои се соочиле вработените во градинката, родителите и децата.

Промените со кои се соочиле членовите на воспитниот тим е промената на работа, организација и спроведување учење на далечина, онлајн соработка со родителите, дирекоторот и колегите. Родителите имале обврска да им објаснат на децата што се случува и со какви проблеми се соочува светот на глоблано ниво. Како што посочи Гировска, на децата било потребно да се објасни новата состојба и зошто е потребно да се почитуваат новите мерки, карантин, полициски час и дистанцирање од другарчињата.

Васка Дамјановска Митова, психијатар на Клиниката за психијатрија во Скопје говореше за психичките растројства со кои се соочуваат семејствата. Како се балансираат работните и семејните обврски, грижа за семејството. Како да се надмине економската нестабилност, невработеност и загуба на работно место.

Дамјановска истакна дека ковид и пост-ковид искуствата покажуваат манифестација на различна психијатриска симптоматологија, потреба за телефонски линии за психолошка поддршка. Таа го посочи и Кабинетот за ментално здравје за пост-ковид состојби што се занимава со лица кои тешко ја поминале болеста и кај кои се јавиле промени на психички план.

Во однос на предизвикот за здравствените работници во првите борбени редови на пандемијата и како тие се справуваат со работата и заштита на семејството од вирусот, говореше Сузана Стојановска, медицинска сестра која во моментов работи на вакциналниот пункт во „Борис Трајковски”.

Според неа, семејството претставува важен фактор од нејзнио лично искуство кога станува збор за пандемијата бидејќи иако не се физички присутни со нејзе на работа, таа ментално го чувствува присуството на семејството и неговата поддршка, енергија и мотивација да продолжи да се бори со пандемијата.

Децата со попреченост, односно децата со аутизам се соочија исто така со големи промени. Јасмина Трошанска, доктор по дефектолошки науки од областа на аутизам и интелектуална попреченост истакна дека децата со аутизам се соочиле со потешкотии во однос на социјална интеракција и комуникација, однесувањето, размислувањето и сетилата. Предизвиците со кои се соочиле семејствата кои имаат член со аутизам, како што посочи Трошанска се промена на рутината, недостаток на третман и згрижување на децата со аутизам под пет годишна возрас, извршување на работните обврски, потешкотии со онлајн наставата, како и појава на вознемиреност, агрестија и автоагресија.

Според глобално истражување спроведено врз 385 вработени жени во девет земји, Ирена Авировиќ Бундалевска од Филозофскиот Факултет во Скопје истакна дека пандемијата влијаела на 82 проценти од анкетираните жени. Седумдесет и три проценти од анкетираните жени се изјасниле дека нивните обврски околу грижата на други членови во семејството се зголемила трократно, 46 отсто од нив чувствувале притисок од потребата постојано да бидат достапни за работа.

Бундалевска го презентираше и истражувањето спроведено од UN Women за 2020 година во однос на влијанието на ковид-19 врз мажите и жените во земјава.

Според истражувањето пандемијата негативно влијаела на работата на 71 процент од жените, додека кај мажите се забележува негативно влијание за 65 отсто. Целосен престанок со работа имале 14 проценти од жените, а шест отсто од мажите, намалени приходи имале 29 проценти од жените и само 15 отсто мажи.

Во однос на правниот аспект и разводот во време на пандемија говореше Емилија Панчевска, од нејзино лично искуство. Панчевска истакна дека на почетокот на пандемијата се зголемиле барањата за развод од страна на жените, како причина за семејно насилство и недоразбирање. И како интересен факт го напомена барањето децата да бидат оставени на таткото, што не било случај порано.

Дејан Мицковиќ и Ангел Ристов од Правниот факултет во Скопје говореа за влијанието и улогоата на семејството во време на пандемија и предизвиците со кои се соочуваат семејствата поради непромената на законодавството во однос на бракот.

Мицковиќ истакна дека светот се соочил со поголеми промени во последните 50 години, отколку во изминатите 2000 години, феномен што доведува до големи социолошки истражувања, но бидејќи промените се одвиваат со таква динамика понекогаш и истражувањата не можат да ја следат динамиката на случувањата во семејниот живот.

Според статистичките податоци што Ристов ги презентираше, во 2019 година се развеле 1990 лица, додека во 2020 година тој број се зголемил за 15 проценти, односно 2.284 лица.

Ристов ги напомена и предизвиците со кои се соочуваат децата, односно ограничување на слободата, како најранливи ги напомена и децата од разведени бракови и колку е важно нивното мислење кога станува збор за семејството.

Како заклучок од трибината, потребно е институциите и јавноста почесто да се занимаваат со семејните прашања, со цел да се истакнат и надминат проблемите со кои се соочуваат брачните и семејните заедници.

 

МИА