Се’ друго освен нов клинички центар е парцијално решение: Филипче на средба со поранешните колеги – ММС
ММС

Објавено на: 05/14/21 12:43 PM

Се’ друго освен нов клинички центар е парцијално решение: Филипче на средба со поранешните колеги

Министерот за здравство, Венко Филипче и дел од претходните министри денеска на средба во Клубот на пратеници разговараа околу проектот за изградба на нов клинички центар. Целта на средбата како што информира Филипче, била да се споделат перспективите и предизвиците со кои се соочил секој во текот на својот мандат.

„Заендички консензус е дека ова прашање премногу долго се одолговлекува и граѓаните заслужуваат конечно тоа прашање да се пресече и да тргнеме по патот на градење на нов клинички центар. Секое друго решение освен нов центар на нова локација е парцијално решение“, изјави Филипче.

Тој оцени дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е како што рече, некоректно.

„Отсуство на дискусија, блокирање на закон со амандмани е неоправдано и злоупотреба на политичката позиција. Апелирам да дојдат, да се охрабрат и да разговараме. Дали ќе биде во Собранието, дали ќе биде на јавна дебата, сметам дека граѓаните треба да ги знаат фактите, што е тоа што е предвидено да има за таа сума“, додаде Филипче.

Според него, само потполно нов клинички центар може да понуди модерен и интегриран тип на здравствени услуги, нешто го го има во развиените земји.

„Ние може да разговараме и за други парцијални решенија, но сето тоа нема да донесе суштинска промена во здравствениот систем во нашата земја“, додаде Филипче.

Тој посочи дека граѓаните заслужуваат да знаат што се’ се предвидува да има во новиот клинички центар, што се’ е предвидено да има за таа сума на средства, но што би значело тоа за следните пет-шест децении во делот на развојот на здравствениот систем.