Кај нас доминантен сој на коронавирусот е британскиот. Овој бран спласнува, иако имаме заболени и од другиот сој на вирусот – смета министерот за здравство, Венко Филипче.
„Очигледно е дека има поединечни случаи на детекција на јужноафриканскиот сој, кој беше детектиран кај граѓанин од Делчево. Тоа е пациент кој бил заразен во март. Поединечните случаи од други вируси кои биле присутни се само поединечни и нема тенденција некој сој значајно да предоминира над британскиот. А за да предоминира како што британскиот „збриша“ се’ претходно кога се појави, треба да биде полесно пренослив од британскиот. Сознанијата се дека ниту јужноафриканскиот ниту бразилскиот сој со своите карактеристики не може да доминираат над британскиот“, изјави Филипче денеска за медиумите.
Според него, ќе следи олабавување на мерката за задолжително носење маски, но вели дека не може да каже кога би се случило тоа. Министерот вели дека се’ уште е рано да се препорача такво нешто. Тој најави и дека на состанокт кој претстои в понеделник, ќе се разгледаат барањата на Независната угостителска комора која до МЗ и до Комисијата за заразни болести испрати повеќе предлози за функционирање на угостителските објекти.
„Сите барања ќе ги разгледаме на состанокот во понеделник. Имаат логика барањата, но сме во период во кој поминуваат неколку недели од попуштањето на мерките. Засега нема најава дека има влошување на епидемиолошката ситуација поради тоа попуштање од пред неколку недели. Во секој случај ќе ја анализираме ситуацијата заклучно со понеделник, па ќе носиме одлука. Засега мерките како што се сега на сила треба да останат уште една недела“, додаде министерот.
Во однос на реакциите од граѓаните кои се „заглавени“ на Евзони и покрај најавите за влез во Грција, тој најави дека ќе искомуницира со колегите од грчка страна, па ќе ги информираат грааѓните.
Прашан каде може да се патува со вакцините кои се достапни кај нас, тој објасни дека во ЕУ може да патуваат сите кои се имунизирани со вакцините кои се одобрени од ЕМА и СЗО.
„Во Грција може да се патува со сите вакцини кои се даваат кај нас. Не верувам дека ќе има дискриминација во однос на типот на вакцина. Во Грција ПЦР тест се бара две недели по примањето на втората доза, а после тоа не“, објасни Филипче.
В. Ми