Главниот научник на „Модерна“ не кажал дека мРНА го менува човечкиот геном – ММС
ММС

Објавено на: 05/14/21 10:57 AM

Главниот научник на „Модерна“ не кажал дека мРНА го менува човечкиот геном

Објава на Фејсбук шири невистини дека главниот научник на „Модерна“ Тал Закс признал оти со мРНА вакцините се менува човечката ДНК. Зак во ниту еден момент од неговиот говор не вели дека мРНА вакцините ќе ја променат ДНК на човекот. Всушност, неговото објаснување и дијаграмот за мРНА вакцинирање против грип го демонстрираат спротивното. Споменатото неточно тврдење е дебанкирано од неколку светски сајтови за проверка на факти како што се Ројтерс, Политфакт и АФП

 

Пост на Фејсбук, преку своеволно толкување на зборовите на главниот научник на „Модерна“, Тал Закс, ја манипулира јавноста дека тој самиот кажал и „признал“ оти мРНА го менува човечкиот геном. Ова е дезинформација.

АЈ СО СРЕЌА ВАКСАЈНС – ГМО СУШТЕСТВА. Според зборовите на Тал Закс, Главниот Научник на Модерна, mRNA го менува човечкиот геном, нешто што доесга го правеше само природата или Бог. Без разлика дали е со намера или од „несакани последици“, оваа технологија се користи за да го направи токму тоа, ве претвора во ГМО суштества, зависни и поседувани од авторот на генетската модификација, не повеќе човек. Тој ова го нарекува „информатичка терапија“; иако некои поправилно би ја нарекле „луда наука“. Значи, следниот пат кога некој ќе тврди дека овие „вакцини“ не го менуваат човечкиот геном или ДНК, можете да го препратите тоа кај Тал Закс од Модерна, кој самиот тврди поинаку, се вели во Фејсбук објавата.

Под постот објавен е линк до текст од портал со наслов„Бомба: Самиот Главен Научник на МОДЕРНА Призна дека мРНК Вакцините ви Менуваат ДНК и ве Прават ГМО Суштества!“. Текстот своето тврдење го темели на видео од 2017 година кое, како што се наведува, е „видео од говорот на TEDx Beacon Street од Тал Закс, главен медицински директор на „Модерна“, една фармацевтска компанија производител на експериментална инјекција за технологија mRNA, (кој) потврдува дека инјекцијата на mRNA за COVID-19 може да го промени вашиот генетски код или ДНК“.

Закс оваа вакцина ја нарекува „хакирање на софтверот на животот“. Во првата минута од видеото Закс вели: „Ја живеевме оваа феноменална дигитална научна револуција, и денес сум тука за да ви кажам дека всушност го хакираме софтверот на животот и дека тоа го менува начинот на размислување за спречување и лекување на болести“. Тој дури повторува дека тие (Модерна) мислат на тоа како на оперативен систем кој може да го модифицира генот на човекот по потреба на наредбодавачите, што веб-страницата на Модерна го означува како „Наш оперативен систем“, се вели во написот.

Текстот понатаму ја нагласува следната изјава на Закс и на неа ги темели своите тврдења дека научникот признал оти со вакцината против ковид-19 се менува ДНК структурата на луѓето:

Во секоја ќелија има ова нешто што се нарекува гласник РНК или скратено mRNA, што ги пренесува критичните информации од ДНК во нашите гени до протеините, што е навистина суштината од кои сите сме создадени. Ова е критична информација што одредува што ќе прави клетката. Значи, ние размислуваме за тоа како оперативен систем . …. Значи, ако навистина би можеле да го промените тоа,… ако можете да воведете линија код или да промените линија код како на компјутер.

По ова, текстот самиот прави заклучок: „Кога “менувате” линија на код или “воведувате” линија на код “(што се однесува на ДНК), тогаш” кодот “или ДНК се менуваат, што значи дека на поединецот или” субјектот “сега му е променет геномот и е ГМО кодиран во било што, овошка, зеленчук. Со ова индивидуата или субјектот веќе не е творештво на природата или Бога, туку творештво на човекот, што значи дека индивидуата или субјектот може да бидат предмет на „патент“.

Ваквиот заклучок е погрешен, односно, невистинит и е базиран на погрешно толкување на цитатите на Закс. Тој во ниту еден момент од неговиот говор не вели дека мРНА вакцините ќе ја променат ДНК на човекот. Всушност, неговото објаснување и дијаграмот за мРНА вакцинирање против грип го демонстрираат спротивното.

Значи, тука е целата биологија што треба да ја знаете за 30 секунди“, вели Закс на почетокот на своето објаснување. „Нашето тело е направено од органи, нашите органи се направени од клетки, и во секоја клетка има нешто што се нарекува гласник РНК, или скратено мРНА, што ги пренесува критичните информации од ДНК, нашите гени, до протеинот, кој е навистина е нештото од кое сите сме создадени. Ова е критична информација што одредува што ќелијата всушност ќе стори.

Додека Закс зборува, тој презентира дијаграм што ја покажува ќелијата. ДНК се наоѓа во јадрото, што ја испраќа mRNA надвор во пошироката клетка до „единицата што произведува протеини“ за да ѝ наложи на единицата да прави протеин.

„Многумина од нас се вакцинираат“, продолжува Закс кога почнува да зборува за грипот. „Што е вакцината? Тоа е инјекција во раката каде што добиваме парчиња од вирусот, протеините и тоа го учи нашиот имунолошки систем да го препознае вирусот – па затоа, кога ќе се заразиме, не сме болни. Сега, замислете дека наместо да даваме протеин, ние ќе дадеме упатства како да се направи протеин, како телото може да направи своја вакцина. Тоа е вакцината мРНА.

Потоа Закс се враќа на неговиот дијаграм за да покаже дека mRNA влегува во ќелијата и патува директно до „единицата што прави протеини“ за да ѝ наложи да создаде специфичен протеин. Не комуницира со јадрото – а со тоа и со ДНК.

Закс додава:

Значи, со традиционалниот пристап, протеините лебдат околу вашите клетки. мРНА пристапот ги има самите клетки во вашето сопствено тело кои ја прават вакцината.

На овој начин работи вакцината на „Модерна“ против ковид-19. Тврдењето дека оваа вакцина, како и вакцината на „Фајзер“ која, исто така, се базира на мРНА технологија, ја менуваат човечката ДНК, е познато и старо тврдење кое го шират антиваксерите и теоретичарите на заговор. „Вистиномер“ неколкупати досега ги има побиено ваквите тврдења (ТУКАТУКА,).

Тврдењето дека Закс признал дека со вакцините се менува човечката ДНК е лажно и истото е дебанкирано од неколку светски сајтови за проверка на факти како што се РојтерсПолитфакт и АФП.

Ваквите и слични тврдења во голема мера можат да нанесат огромна штета врз општото јавно здравје, особено во услови кога пандемијата од ковид-19 и понатаму не се стишува и секојдневно низ светот зема голем број жртви, а во исто време во сите земји, вклучително и кај нас, се спроведува вакцинација против ковид-19 со цел да се вратат нештата во нормала.

Извор: vistinomer.mk/