Преспанскиот договор е добар пример за тоа како би се решиле работите со Приштина, истакна Брнабиќ од Атина – ММС
ММС

Објавено на: 05/13/21 3:38 PM

Преспанскиот договор е добар пример за тоа како би се решиле работите со Приштина, истакна Брнабиќ од Атина

На Делфи економскиот форум во Атина, премиерката на Република Србија Ана Брнабиќ во разговор со главниот уредник на весникот „Катимерини“ Атанасиос Елисомна на прашањето за Преспанскиот договор, нагласи дека Србија веднаш го поддржала тој договор, истакнувајќи дека тоа било добра вест, што и овозможило на Северна Македонија да го продолжи својот европски пат, јави дописникот на МИА од Белград.

-Знам дека просперитетот на мојата земја е невозможен без просперитет на целиот регион. Затоа, мене како премиер на Србија, ми е важен напредокот на сите во регионот, подеднакво важен како и напредокот на мојата земја, изјави таа.

Брнабиќ посочила дека Преспанскиот договор докажал и дека историски тешките прашања можат да се решат преку дијалог, што е исто така, важно и за дијалогот со Приштина, соопштија од српската Влада.

-Договорот од Преспа е добар пример за тоа како се надеваме дека работите ќе се решат со Приштина, изјави Брнабиќ, нагласувајќи дека документот покажува и оти, штом се постигне компромис, сите треба да го прифатат.

Пред официјалната средба со Кривокапиќ, за време на паузата на Форумот, Брнабиќ имаше краток разговор со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, и на нив им се придружил и премиерот на Црна Гора.

МИА