Премиерот на кралството Шпанија, Педро Санчез, попладнево по состанокот со премиерот Зоран Заев упати видео порака до сите граѓани на Република Северна Македонија, каде што јасно ја потенцираше поддршката на Шпанија за евроинтеграциите на Северна Македонија.
-Само што ја завршив средбата со премиерот на Република Северна Македонија со мојот пријател Зоран Заев и пред сè би сакал да кажам дека состанокот беше многу плоден, дека и двајцата како претседатели на нашите влади, сме посветени на зајакнување на билатералната соработка, економското закрепнување и политичките односи меѓу двете земји. Премиерот, но исто така и сите граѓани на Република Северна Македонија, треба да знаат дека Шпанија е земја која е цврсто посветена на влезот на нивната земја во Европската Унија, рече Санчез.
Тој го поздрави членството во НАТО и изјави уште еднаш дека го поддржува влезот на земјава во ЕУ. Покрај тоа, Санчез му оддаде и почит на Зоран Заев и неговото раководство.
-Тоа е реформско раководство, кое е во корист на граѓаните на Северна Македонија, кое што несомнено претставува важен скок напред во сетот реформи кои што се спроведуваат и се од корист за нејзиниот (Северна Македонија) влез во Европската Унија. Следствено тој може да смета на поддршката на Шпанија, се надевам дека наскоро, порано отколку подоцна, во Европската Унија, изјави шпанскиот премиер.
Санчез најави дека во следните години може да се очекуваат и шпански економски инвестиции во нашата држава.