По осум дена борба со Ковид-19 на Инфективна почина познатиот комозитор Тодор Трајчевски (66). Срцето на Тодор престана да чука утрово и како што за ММС вели неговата сопруга Ники утрово во девет часот и јавиле дека ја загубил битката со болеста.
-Ми рекоа не издржа, почина. Осум дена беше во болница, од Велигден. Доби почеток на пневномија и за да не се развие болеста го сместивме на Инфективна. Беше на кислородна поддршка, така ми рекоа од Клиниката, вчера дури и дека е подобар, но утрово во девет часот ми ја јавија тажната вест. Последниве 3-4 дена воопшто не ни комунициравме, ни го вратија неговиот телефонот дома. Немавме контакт. Комуницирав со медицинскиот персонал, кој ми кажа дека одбивал кислородна поддршка, не сакал да ги прима лекарствата и психички беше многу паднат, па и психијатар му донеле за да го подигне барем малку, вели Ники.
Таа за ММС кажа и дека со Тодор заедно се заразиле, но таа имала поинакви симптоми, за разлика од него.
-Заедно бевме заразени ама ете јас сум подобра. Поминувам со кашлање, болки во стомак, тахикардии. Не можам да објаснам. Таман мислиш дека си подобар и пак се влошувава. Тодор имаше многу висока температура и од Велики четврток настанаа проблемите. Земаше парацитамол, кој малку ќе му ја спуштеше температурата и пак ќе се влошеше. Во четвртокот сатурација му беше 89, имаше високо ЦРП. Во саботата бевме во болница и од неделата од празникот го задржаа. За ништо не задоцнивме, се направивме на време ама ете, до тука било, вели тажно Ники.
Таа ни кажа дека и Тодор, како и сите се плашел од кислородната поддршка и од апаратите, па затоа и не сакал да биде послушен пациент и постојано барал да си дојде дома.
-Да не верува веќе човек во ништо. Вчера баш се понадевавме дека ете ќе биде добро, ни рекоа дека ќе му го намалуваат кислородот. Ама ете починал утрово. Живот во страв. Тоа е. Секој ден од 12 до 13 часот се слушавме со персоналот, ни даваа информација. Наутро му носевме носевме нешто за да му дадат. Таква е процедурата, така ми рекоа. “Но, непослушен е го вади кислородот, сака да си оди дома“ ми велеа од Инфективна. Ниеднаш не ни рекоа дека не е стабилен, туку стабилен е, му даваме кислород, сатурацијата му била покачена последните денови. Затоа утрово бевме шокирани. Но, имаше многу страв од апаратите, од кислородната поддршка. Сите се плашат од таа кислородна поддршка, па и тој. Станувал не ги слушал лекарите. Се плашел, многу се плашел. Страв, голем страв. Ми велеше уште на почетокот- земете ме дома. Но, постојано беше со висока температура. Навистина сакаше само да побегне од болница. Многу падна психички Тодор. Откако ни го вратија телефонот, четири дена се немавме слушнато со него. Ги прашував, ги молев лекарите да ме пуштат кај него барем на 10 минути, барем малку мотив да му дадам, ќе му прозборев, ќе го утешев. Па и да му го оставеа телефонот, ако не можеше да зборува, барем порака ќе пуштев, па ќе вратеше. Психичката поддршка многу значи. Навистина не знам зошто не дозволуваат никаков контакт. Ги молев да ме пуштат, бидејки и јас сум заразена, јас бев позитивна ама не ми дозволија. Тажен живот што да кажам, ни рече сопругата на Трајчевски.
Ники и Тодор во брак се 24 години, за пет дена требало да прослават годишнина.
-Сега на 17 мај ќе имавме 25 години брак. Да биде уште потажно, нему вчера му стаса покана за вакцинирање. Ние си бевме пријавени ама ете не додржа. Многу ми се јавуваат, се интересираат за погребот. Затоа сакам да кажам дека сеуште со сигурност не се знае. Ке знам попладнево. Ќе биде во Бутел, најверојатно во петок. Не сакаат ниту денес ниту утре да го погребат, не се работело, немало кој да ископа гроб, па затоа ќе остане најверојатно за петок. Ама ќе знам по попладне.
https://www.youtube.com/watch?v=22x6eQhoDZc
Тодор Трајлчевски ќе остане запаметен како исклучителен автор и аранжер на новосоздадените македонски фолк песни. Веднаш по завршување на факултет Трајчевски се вработил во Големиот народен оркестар на МТВ, каде работи 40 години и сега во септември требаше да замине во пензија. Повеќе години беше и раководител на Големиот народен оркестар. Беше раководител и на фолк фестивалот „Цветници“.
Тодор ке остане познат и како мајстор на аранжмани, безброј автори соработуваа со него, за токму тој да ги работи аранжманите, а потврда за тоа се големиот број награди за аранжмани на нашите фестивали.
Беше извонреден музичар, хармоникаш, автор на многу инструмиентални творби и многу фолк хитови. Ќе остане запаметен по фолк евергрините „Ти верував до крај“, која Сузе Спасовска во 1993 година ја испеа на „Цветници“, потоа „Утринска коба“ што ја испеа Зуица Лазова на истиот фестивал. Автор на повеќе од 200 песни, над 400 аранжмани и композиции за големиот народен оркестар „Фолк загатка“, „Чие е она девојче“, „Изникна ми бадем дрво“, „Кинисала Роса“, „Повардарско оро“ и многу други.
Весна Миленковска