Објавени седум повици за финансиска поддршка за туристичкиот и угостителскиот сектор: Најавена поддршка и за фитнес центрите и фото студијата – ММС
ММС

Објавено на: 05/12/21 11:56 AM

Објавени седум повици за финансиска поддршка за туристичкиот и угостителскиот сектор: Најавена поддршка и за фитнес центрите и фото студијата

Владата го утврди текстот на седумте јавни повици преку кои ќе може да се аплицира за шстиот пакет антикризни мерки за поддршка на економијата. Овие  мерки ќе „тежат“ 17,8 милиони евра, а се однесуваат на 12 категории на економски дејности. Во нив влегуваат околу 10 илјади компании кои вработуваат околу 60 илјади лица.

„Се работи за доделување финансиска поддршка за естрадните уметници, за туристичките водичи, компании од индустријата за организацијата на настани, за финансиска поддршка за игротеки и приватни детски одморалишта, за лиценцирани вршители на угостителска дејност кабаре, ноќни барови, диско клубови и диско клубови на отворен простор, ресторани за свадби и за лиценцирани туристички агенции“,  потенцира денеска на прес конференција генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири.

Министерот за економија пак, Крешник Бектеши објасни дека за сите повици основа за пресметка на поддршката се просечните месечни приходи од 2019 година.

„Едниот јавен повик е за естрадните уметници и туристички водичи, како една од мерките што ќе се реализираат во шестиот сет. Ќе се земе предвид месечниот нето приход кој го имале, а тоа треба да биде до 15 илјади денари, па ќе се даде директна финансиска поддршка во износ од 30.750 денари по лице“, изјави министерот

Тој додаде дека висината на поддршката всушност се пресметува како износ од 30 отсто од просечниот месечен приход.

„Дополнително секој регистиран активен субјект ќе добие финансиска поддршка од 15.200 денари по вработен според бројот на ефективни работни часови со пресек на 31.12.2020 година. Кај туристичките агенции износот на доделени средства ќе зависи од вкупниот приход во 2019 година, бројот на вработени што го имале до 2019 и видот на лиценцата, па ќе изнесува од 60 илјади до 300 илјади денари по правен субјект“, потенцира Бектеши.

За туристичка агенција со Б лиценца која имала вкупни приходи до еден милион денари, грантот ќе биде во износ од 60 илјади денари, додека туристичките агенции со вкупен приход од еден милион до 2,5 милиони денари, грантот ќе изнесува 90.000 денари.

– Туристичките агенции кои имале вкупен приход над 2,5 милиони денари ќе добијат грант од 120 илјади денари – најави ресорниот министер.

Кога станува збор за туристичките агенции со А лиценца, оние кои прикажале вкупни приходи во 2019 година до милион денари, ќе добијат грант од 100 илјади денари, оние кои имале приходи до 2,5 милиони денари, ќе добијат 200 илјади денари, а оние што имале приходи над 2,5 милиони денари, ќе добијат грант од 300 илјади денари.

Постојат и други дополнителни услови кои ќе важат за сите мерки, освен за оние кои се однесуваат на туристичките водичи и естрадните уметници.

„За секој правен субјект кој ќе аплицира и на кој ќе му бидат одобрени средствата од повикот се однесуваат следните посебни услови: доколку на 31-ви декември има намален број вработени споредено со почетокот на годината тогаш ќе има обврска да врати 50 % од примената финансиска поддршка. Доколку во истиот период има ист број вработени ќе има обврска да врати само 20 отсто од финансиската поддршка и ако истиот период има зголемен број вработени (тоа може да биде дополнително и едно вработување), ќе  нема обврска за враќање средства“, посочи Бектеши на денешната прес конференција.

Спред него последиците од ковид-кризата врз пандемијата се големи и очекува наскоро враќање во нормала.

Тој рече дека добиле барања од угостителите преку Независната угостителска комора. Овие барања допрва ќе се разгледуваат и надлежните ќе одлучуваат дали ќе има измени на јавниот повик. Министерот смета дека условите не се неприфатливи, ако се предвид дека како што вели тој, интересот е многу голем.

Одговарајќи на на новинарско прашање за фитнес центрите,  министерот потенцира дека тие се изземени, но со оглед на тоа дека со рестрикциите и тие беа затворени, ќе се направи обид да се најде решение за нив. Со сличен став е и Зеќири.

„Фитнес центрите се во план и се надеваме дека на седница на Владата ќе се објави повик и за нив. Тука ќе бидат опфатени и фото студијата“, најави тој.

Министерот за економија потсети и дека беше направена измена во Законот за туристичка дејност, со цел како што нагласува тој, да им се излезе во пресрет на граѓаните кои уплатиле аранжмани за одмор, а не ги реализирале поради рестрикциите.

Речиси 90 отсто од тие аранжмани кои се пријавени во Министерството за екномија, се купени за во Грција. Тие лани не можеа да бидат користени, во случај ако не може да се користат и годинава секако ќе направиме и измени и ќе го продолжиме рокот – додаде Бектеши.

Во однос на олабавувањето на мерките за угостителските објекти, тој вели дека веќе е разговарано за динамиката на отворање, но крајниот збор ќе го каже Комисијата за заразни болести.

Ако ја имаме истата епидемиолошката слика крајот на мај или почетокот на јуни ќе објавиме како ќе може да функционираат – порача Бектеши.

 

Вања Мицевска