Бројката на кинеското население годишно се зголемува за 0,53% – ММС
ММС

Објавено на: 05/11/21 11:01 PM

Бројката на кинеското население годишно се зголемува за 0,53%

Кинеската популација во последните неколку децении растеше со најспоро темпо, покажуваат податоците од пописот на населението, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Бројката на населението на Кина во последните 10 години е зголемена за 72 милиони и изнесува 1,41 милијарда, што е раст од 5,38%.

Оваа азиска земја го попишува населението еднаш на 10 години, а последен пат пописот е спроведен во 2020 година.

Кинеската агенција за статистика соопшти дека растот на годишно ниво, во просек изнесува 0,53%, што е за 0,04% помалку во однос на претходната деценија.

Кинеската популација во деценијата до 2020 година се зголемуваше со најмала брзина од воведувањето на политиката на едно дете кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век.

Со тоа беше направен притисок врз власта да го поттикне наталитетот за да се избегне демографскиот проблем.

Кинеската Влада ги отфрли медуимските извештаи за наводниот прв пад на бројката на населението поради големиот глад во педесеттите години од минатиот век, поради што починаа десетици милиони луѓе.

Нинг Џјиџе, шеф на Државниот завод за статистика, откри дека изминатата година се родиле 12 милиони бебиња, што е значаен пад во однос на 18 милиони новороденчиња во 2016 година.

Пописот е спроведен кон крајот на 2020 година, а околу 7 милиони лица учествуваа во собирањето на податоците од кинеските домаќинства. Имајќи ја предвид бројката на лицата што треба да се попишат во Кина, пописот се смета за најопсежен извор за бројката на населението во таа земја, што е важно за идното планирање.