На три кола пред крајот, она што од почетокот на 2021 година беше и повеќе од извесно се случи денес на стадионот на најголемиот ривал.
Манчестер Јунајтед, односно вториот тим на „црвените ѓаволи“ загуби од Лестер со 1:2 и со тоа практично ја официјализираше титулата на одличниот сезонава Манчестер Сити.
По бавниот старт, момците на Пеп Гвардиола „ставија во петта брзина“ и успеаа да го симнат Ливерпул од привремената позиција број еден во Премиер Лигата, а подоцна и да го зацементираат, посветувајќи се на другите три фронта.
Со 80 поени на свое конто и гол разлика од 72 дадени и 26 примени погодоци по 35 одиграни кола, „светлосините“ одлично ја искористија поприлично разочарувачката сезона на оние што се сметаа за нивни најголеми конкуренти за трофејот, Ливерпул, недореченоста на Манчестер Јунајтед и тренерските промени и транзиционен период на екипата од западен Лондон, Челзи.
Трансферот на Рубен Диас од Бефика, претставуваше според многумина клучен потег при воспоставувањето на доминација во сите натпреварувања. Португалецот ја стабилизираше одбраната на Сити, придонесе за компактноста и сигурноста на соиграчите, особено Џон Стоунс и прерасна во тивок лидер на тимот.
Во отсуство на Кевин Де Брујн во зимскиот период, Илкај Гундоган беше човекот кој ја презеде улогата на главен двигател во средниот ред, постигнувајќи исклучително важни голови и остварувајќи ја убедливо најдобрата голгетерска, но не само голгетерска сезона во својата професионална кариера.
Поразот од Челзи во полуфиналето од Фа Купот, ги попречи Сити од освојување на четири титули за првпат во историјата на англискиот фудбал, но шансата за хет-трик, по освоениот Карабао Куп и домашното првенство, ќе ја имаат на 29-ти мај во Порто против екипата на Челзи.
д.ј