ОН се длабоко загрижени за „насилствата во окупираните палестински територии, Источен Кудс и Израел“ – ММС
ММС

Објавено на: 05/11/21 5:14 PM

ОН се длабоко загрижени за „насилствата во окупираните палестински територии, Источен Кудс и Израел“

Портпаролот на Високиот комесаријат на Обединетите нации за човекови права (OHCHR), Руперт Колвил, наведувајќи дека е „длабоко загрижен“ поради ескалацијата на насилството во окупираните палестински територии, Источен Кудс (Источен Ерусалим) и во Израел, рече дека ги осудуваат сите форми на насилство, поттикнување на насилство, етничка дискриминација и провокации, јавува Агенција Анадолија (АА).

Говорејќи на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на ОН во Женева, Колвил рече дека, според палестинската Црвена полумесечина, помеѓу 7-10 мај во Источен Ерусалим повредени се 915 лица, додека во Западниот Брег 200 лица.

Истакнувајќи дека заклучно со 10 мај повредени се и околу 20 Израелци, главно припадници на безбедносните сили, Колвил нагласи: „Ние сме длабоко загрижени поради ескалацијата на насилството на окупираните палестински територии, вклучително и во Источен Кудс (Источен Ерусалим) и во Израел. Ги осудуваме сите форми на насилство, поттикнување на насилство, етничка дискриминација и провокации.“

Осврнувајќи се на израелските воздушни напади во Газа, Колвил истакна дека треба да се преземат сите мерки за да се осигури дека „воздушните напади се насочени кон воени цели“, за да цивилите и цивилните елементи не бидат повредени.

– Не можеше да ги осуди нападите на Израел врз новинарите на Агенција Анадолија

На новинарското прашање на дописникот на АА „Можете ли да разјасните кого осудувате? Дали го осудувате Израел или насилството воопшто?“, Колвил рече: „Го осудуваме целото насилство.“

На прашањето дали ќе ја осуди повредата на уредникот на Агенцијата Анадолија (АА) за Блискиот Исток, Тургут Алп Бојраз, и другите новинари на АА во интервенцијата на израелската полиција во комплексот „Ал-Акса“, во окупираниот Источен Кудс, Колвил рече: „Регистриравме дека најмалку 9 новинари кои известувале за судирите и во други делови на земјата биле повредени од израелските безбедносни сили.“

Истакнувајќи дека има извештаи дека Израел привел некои новинари, Колвил додаде: „Израелските сили мора да обезбедат почитување на слободата на изразување, вклучувајќи го и правото да се известува и да се добиваат вести за протестите и конфликтите во Ерусалим.“