Уште 13 деца од кумановската градинка со симптоми слични на труење со храна, се чекаат резултатите од брисевите – ММС
ММС

Објавено на: 05/11/21 2:58 PM

Уште 13 деца од кумановската градинка со симптоми слични на труење со храна, се чекаат резултатите од брисевите

Додека надлежните ги чекаат резултатите од брисевите земени од кумановската градинка „Ангел Шајче“, уште 13 деца завшрија во болница со симптоми слични на труење со храна.

Вкупно досега 45 деца од градинката побарале лекарска помош на детското одделение при Општа болница Куманово, а пет од нив се задржани на болничко лекување.

Како што информираше началникот на кумановската педијатрија, д-р Агрон Сулејмани, не станува збор само за деца кои посетувале градинка.

– Не е работа само за градинките, ова се летни вируси ги викаме, вирусни инфекции, не е исто со чести течни столици, повраќање, температури, значи уште толку имаме деца околу 80 да кажам имаме што не одат во градинки, деца што се чуваат во домашни услови, што не посетуваат градинки, но се со иста клиничка слика, изјави д-р Сулејмани.

Состојбата на децата е стабилна вели, д-р Сулејмани, најголемиот дел од нив се на домашно лекување, но пет се задржани во болница поради дехидрираност. Нивната здравствена состојба е стабилна.

– Досега немаме деца што се во тешка состојба, освен пет деца што беа малку подехидрирани во разлика од други што се на домашно лекување, тие се на болничко лекување, но се подобрени, вели началникот.

Во Меѓувреме Државниот санитарен и здравствен инспекторат наложи преземање против-епидемиски мерки. Кујната е затворена од вчера, а со решението се наложува и забрана за користење на останатите 2 чајни кујни во клоновите каде се дистрибуирала храна, забрана за користење на занималните каде престојувале деца со симптоми на труење со храна. Темелно механичко чистење на кујната и останатите простории забранети за употреба. Вршење на вонредна дезинфекција од овластена служба. Вршење на вонредни здравствени прегледи на вработените во кујната.

Анализата на брисевите допрва треба да покаже што е изворот на инфекцијата.

 

Никола Ивановски