Се очекува инфлација од 2,2% и раст од 3,9% во 2021 година – Проекција на Народна банка – ММС
ММС

Објавено на: 05/11/21 12:17 PM

Се очекува инфлација од 2,2% и раст од 3,9% во 2021 година – Проекција на Народна банка

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка.

Во текот на овој период се очекува запрекнување на економијата, а целосно враќање и надминување на нивото пред кризата се очекува во 2022 година.

Во 2021 година се очекува раст на економската активност од 3,9% што претставува непроменета проекција во однос на октомври. Во 2022 година ќе продолжи закрепнувањето на економијата со раст од 3,9% (мала нагорна корекција во однос на октомври), а во  2023 година со иста очекувана стапка како во октомври, од 4 посто.

Кај стапката на инфлација е направена умерена нагорна ревизија за 2021 година во однос на октомвриските проекции, при што тековно се оценува дека таа ќе изнесува 2,2% (1,5% во претходната проекција), при нагорни корекции кај надворешните влезни претпоставки во делот на цените на нафтата и храната. За 2022 и 2023 година и натаму се очекува дека стапката на инфлација ќе се движи околу 2%. Очекувањата за идните движења во надворешниот сектор укажуваат на стеснување на дефицитот во тековната сметка до 2,9% од БДП во 2021 година, што во најголем дел се должи на подобрите очекувања кај дознаките,  при постепено намалување на негативните ефекти од пандемијата во текот на годината. Намалувањето се очекува да продолжи и во наредните две години, со што во наредниот двегодишен период (2022-2023 година) дефицитот во тековната сметка ќе изнесува во просек околу 2,1% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекува дека девизните резерви ќе се задржат на соодветно ниво.

За 2021 година кредитниот раст би изнесувал 5,8%, а со постепеното нормализирање на состојбите и стабилизирање на очекувањата, се очекува постепено забрзување на растот на кредитната активност кој за периодот 2022-2023 година во просек би изнесувал 7%.  Во услови на помала неизвесност и посилно економско закрепнување се очекува и поголема склоност за потрошувачка и инвестиции, поради што и растот на депозитите ќе се стабилизира во 2022 година, по што умерено ќе забрза на 8% во 2023 година.

Ризиците за остварување на основното макроекономско сценарио и понатаму се оценуваат како надолни и се главно поврзани со пандемијата на ковид-19, односно со евентуалното побавно спроведување на иминузацијата што е тесно поврзано со набавката и дистрибуцијата на вакцините, како и со повторно разгорување на пандемијата со појавата на нови мутации на вирусот.

Доколку заканата од коронавирусот се надмине побрзо од очекуваното, зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне глобалната, а со тоа и домашната економска активност.

 

О.К.