Израелската агресија би можела да биде дел од планот на Израел за окупација на целиот Источен Ерусалим (Кудс), предупреди денес министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на новинарите во Брисел во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на членките на Европската Унија, Аселборн изјави дека е особено загрижен поради моменталните случувања и деложацијата на неколку палестински семејства од нивните домови во Источен Ерусалим.
Неговите коментари следуваа додека израелските сили вршеа рација во џамијата „Ал Акса“, испукувајќи кон Палестинците гумени куршуми, солзавец и шок-бомби, притоа ранувајќи стотици лица, вклучувајќи и жени и деца.
Аселборн изјави дека стравува дека насилството би можело да биде увод во израелските планови за окупација на Источен Ерусалим.
„Постои загриженост дека Израел би можел да го окупира целиот Источен Ерусалим и да ги исели сите Палестинци“, изјави тој.
Тој го повика арапскиот свет и Западот, посебно Соединетите Американски Држави (САД) и европските сили, да реагираат на израелските планови за окупираната палестинска територија.
„Мораме да го ставиме прашањето за Израел и Палестина на врвот на дневниот ред“, изјави Аселборн, додавајќи дека во моментот не постои втора одржлива алтернатива на дводржавното решение.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека бројот на повредени во интервенцијата на израелските сили врз Палестинците во комплексот „Ал Акса“ во окупираниот Кудс е зголемен на 305, и дека израелската полиција се повлекла од комплексот.
Во соопштението се наведува дека во болниците се пренесени 228 повредени, меѓу кои и најмалку седум лица во тешка состојба.
Палестинската Црвена полумесечина исто така соопшти дека израелската полиција се повлекла од комплексот „Ал Акса“ по четиричасовната интервенција во која користела голема количина солзавец, гумени куршуми и шок-бомби.
Палестинците во Кудс веќе неколку дена протестираат поради израелските рации и судски одлуки за протерување на палестинските семејства од Шеик Џарах. Ситуацијата ескалираше откако израелските сили во петокот со интервенција се обидоа да ги истераат верниците од комплексот на „Ал Акса“.
И утринава израелските сили интервенираа врз Палестинците кои се собраа по клањањето на сабах-намаз за да го спречат влезот на екстремните еврејски групи во комплексот „Ал Акса“.
Радикалните еврејски групи вчера и денес го одбележуваат „Денот на Ал-Кудс“ во знак на сеќавање на денот кога Израел на крајот на Шестдневната војна во 1967 година го окупираше Ал-Кудс (Ерусалим). По тој повод ги повикаа радикалните Евреи да влезат во комплексот „Ал Акса“.