Втора година по ред во Македонија со комеморација се одбележа Денот на геноцидот врз Ромите во Втората светска војна – 2 Август, согласно со Резолуцијата која Европскиот парламент ја усвои на 15 април 2015 година. Европскиот ден на геноцидот врз Ромите се одбележува на 2 август – датумот на кој во 1944 година во гасни комори биле убиени 2 897 Роми и Синти во т.н. цигански логор во Аушвиц-Биркенау во окупирана Полска. Во логорите на смртта низ цела Европа во Втората светска војна се смета дека се убиени околу половина милион Роми.
„Конечниот број на убиени Роми не се знае затоа што нема податоци. Како и денес, многумина од нив немале лична идентификација и често биле броени само како трупови без потврден идентитет. До крајот на војната се смета дека големината на ромската популација е намалена на само 20-30 отсто од таа што била на почетокот. Околу геноцидот во Втората светска војна најмалку се знае за ромскиот холокауст или параимос“, рече на комеморацијата министерот без ресор Аксел Ахмедовски, задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020.
Апелираше повеќе да се зборува и да се знае за прогонот на Ромите, кои и денес се најизложени на стереотипи и дискриминација:
„Не можеме да прифатиме дека лекцијата од холокаустот се уште не е научена, ниту да бидеме отпишани од историјата, затоа што историјата се повторува. Денес, во 21 век, и натаму остануваат стереотипи и предрасуди кои се еднакви на расна дискриминација“.
Дискриминацијата и говорот на омраза кон ромската етничка заедница, рече тој, ја има и во изјавите на јавни личности во земјава, а позагрижувачко е нивното одобрување во јавноста. Затоа, рече, денешната комеморација треба да служи како предупредувачки сигнал, а злосторствата од минатото да бидат признати поради нанесената неправда. Очекува фактот за геноцидот врз Ромите да биде и официјално признат.
„Во Австрија, Албанија, Германија, Украина, Унгарија, Франција, Србија, Хрватска и во многу други европски земји, Ромите се официјално спомнати и признати како жртви на геноцидот. Во Македонија е инициран процес за признавање и очекувам дека Собранието на Република Македонија ќе ја следи праксата на многуте европски земји“, истакна Саитов.
На комеморацијата, која во присуство на претставници на меѓународната заедница и дипломатскиот кор се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Република Македонија, беа презентирани податоци за прогонот на Ромите и Синтите во Втората светска војна. На нивниот геноцид му претходело истражување на нацистичкиот доктор Роберт Ритер со кое требало да се „оправда“ идеологијата според која овие луѓе не треба да постојат, а потоа дехуманизација, гетоизирање и депортација.
Заедно со околу шест милиони Евреи, Словени, комунисти и неистомисленици на нацистичката идеологија, Ромите биле истребувани во 12 концентрациски логори на територијата на Европа. Официјалниот број на убиени Роми, според пронајдените документи, е 285.650, но истражувачите на ромскиот геноцид сметаат дека бројот надминува половина милион. х