Пендаровски – Зурабишвили: Како членка на НАТО го поддржуваме правото на Грузија да гради блиски односи со Алијансата – ММС
ММС

Објавено на: 05/10/21 2:55 PM

Пендаровски – Зурабишвили: Како членка на НАТО го поддржуваме правото на Грузија да гради блиски односи со Алијансата

Како земја членка на НАТО ние го поддржуваме правото на Грузија да гради најблиски можни односи со Алијансата, изјави претседателот Пендаровски на заедничката прес-конференција со претседателката на Грузија Саломе Зурабишвили која е во официјална посета на Северна Македонија прва по воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји во 2019 година.

-Како земја членка на НАТО ние го поддржуваме правото на Грузија да гради најблиски можни односи со Алијансата. Тоа е суверен избор на грузискиот народ и во тој поглед подготвени сме да ја продлабочиме соработката преку партнерските механизми. Истовремено како и ЕУ, така и ние како земја – кандидат за членство, даваме цврста поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија во рамки на меѓународно признаените граници – изјави претседателот Пендаровски.

Воедно, заклучи дека оваа прва посета на грузиски државник од највисок ранг ќе испише историја во односите меѓу како што рече пријателските држави и народи на Р С Македонија и Грузија.

Зурабишвили пак, во своето излагање истакна дека во време од само две години била увидена потребата од зајакнување и продлабочување на соработките помеѓу двете земји.

-Повеќе од една година светот се бори со невидливиот непријател – пандемијата. Оваа криза особено ги погоди малите земји, ние подобро од кој било друг сфаќаме дека само преку солидарност е можно да се надмине глобалната криза. Грузија и Северна Македонија ги обединуваат многу заеднички работи. Интеграцијата во ЕУ и НАТО е патот што го избравте и вие, но и Грузија. Со цел успешно да се придвижиме на овој пат, важна е поддршката од нашите партнери-земји,особено од оние земји кои вече го имаат поминато овој пат. Ја цениме подготвеноста и желбата на С Македонија да го сподели своето искуство со Грузија. Исто така процесот на интеграција на Западен Балкан во ЕУ служи како пример за Грузија, порача претседателката на Грузија.

Во рамки на посетата беа потпишани спогодба меѓу РСМакедонија  и Грузија за укинување на визите и Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на РСМакедонија и Министерството за култура, спорт и млади на Грузија.

Со потпишаните договори граѓаните на двете земји се ослободуват од визи при патување, а воедно се продлабочи и соработката во областа на културата на двете држави.

МИА