Триесетина деца од кумановската градинка завршија во болница со симптоми на труење со храна – ММС
ММС

Објавено на: 05/10/21 11:27 AM

Триесетина деца од кумановската градинка завршија во болница со симптоми на труење со храна

Триесетина деца згрижени во кумановската градинка „Ангел Шајче“ изминатиот викенд завршиле во болница со симптоми слични на труење со храна.

Децата биле прегледани во Општина болница Куманово и се жалеле на грчеви во стомак, болки, дијареја, велат од установата.

Три од нив се задржани на болничко лекување, а останатите по укажана лекарска помош се пуштени на домашно лекување. Дел од децата се и во здравствените установи во Скопје.

Децата се на Детското одделение во болницата, од каде началникот Агрон Сулејмани вели дека децата имаат течни столици, висока температура и многу често повраќање.

– Овие деца се третирани, тие што за задржување во болница се задржани три деца, речиси кај сите деца е направена комплетна лабораторија и по проценка од дежурните лекари е даден понатамошен совет и третман и по потреба да се јавуваат на одделот, вели д-р Сулејмани.

Состојбата на децата, вели д-р Сулејмани e подобренa, но вели дека станува збор за комбинација на деца чувани во домашни услови со исти симптоми на деца кои посетувале и три оддели во градинката.

– Кога се работи за повеќе деца од иста градинка или просторија тогаш во прашање е нешто друго, може да е некоја интоксикација, може да не е некоја инфекција од внатре. Случајот е пријавен во Центарот за јавно здравје и е земена анемнеза, веднаш е пријавено протоколарно и чекаме да видиме што ќе се преземе понатаму, вели Сулјемани.

Според началникот на Детското одделение имало двојно повеќе прегледи, но 30 од нив посетувале иста градинка.

Од градинката „Ангел Шајче“ велат дека во моментот имаат инспекција од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и епидемиолог од Центар за јавно здравје Куманово.

Детали се најавени за во текот на денот.

Никола Ивановски