Полициски час кога ќе се поклопат стрелките, час повеќе во кафуле, а може и да вежбаме – Малку повеќе ќе уживаме од задутре – ММС
ММС

Објавено на: 05/10/21 8:50 AM

Полициски час кога ќе се поклопат стрелките, час повеќе во кафуле, а може и да вежбаме – Малку повеќе ќе уживаме од задутре

Главниот координативен кризен штаб го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за олабавување на рестрикциите, соопштија претпладнево од владината прес служба.

Врз основа на епидемиолошките текови и состојби во државата, намалување на бројот на хоспитализирани лица и бројот на заразени лица, за утрешната седница на Владата се препорачуваат следните мерки за усвојување:

Почнувајќи од 12 мај 2021 година, забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата од јавен превоз да почнува од 24 часот до  пет часот.

Соодветно на ова, дозволено време за работа на угостителските објекти за работа со посетители/гости во отворениот дел од угостителскиот објект (само летни тераси, градини, а не во затворениот дел) е до 23:30 часот.

Сите настани може да се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30% од капацитетот на затворениот простор.

Наменскиот протокол за згрижени деца во детските градинки да се измени, односно се дозволува зголемување на бројот на деца од 15 на 20 во една група.

Вежбалните, фитнес центрите и теретаните може да отпочнат со вршење на својата дејност во објектите.

Се дозволува користење на годишните одмори за здравствените работници.