Руски хакери упаднале во системите на американските енергетски компании – ММС
ММС

Објавено на: 08/6/18 10:44 AM

Руски хакери упаднале во системите на американските енергетски компании

Американците тврдат дека руски хакери се инфилтрирале во нивната електронска мрежа преку „мали компании со слаби безбендосни мерки“.

Американските медиуми пишуваат дека хакери под контрола на Русија се инфилтрирале во стотина американски компании кои што се занимаваат со снабдување со електрична енергија. Хакерите кои што работат за таинствени организации како што се “Dragonfly” и “Energetic Bear” според амерканските медиуми можат со едно притиснување на копче да го прекинат снабдувањето со електрична енергија во САД.

Наводниот напад започнал пролетта 2016-та година и истиот продолжил и во 2017-та година и според американските власти, истиот и натаму трае. Откако влегле во мрежите на помалите компании, хакерите ги украле авторизациите на вработените со цел да упаднат и во поголемите енергетски компании. Фактот дека користеле реални легитимации ја отежнува истрагата и многу компании дури и не знаат дека се хакирани.

Руските хакери наводно собирале податоци за мрежите, за нивната конфигурација, за опремата која што ја користат и за начинот на контрола. Тие се запознаени и со начинот на кој што системите секојдневно делуваат во секојдневни услови за што подобро да можат да ги ометаат.

Поранешниот помошник на заменикот министерот за одбрана, Мајкл Карпетнер тврди дека хакерите се подготвуваат „за ограничен или за тотален напад на енергетската инфраструктура на Соединетите Американски Држави“.

Оваа вест е објавена после бројните критики на сметка на американскиот претседател Доналд Трамп кој неодамна во финскиот главен град Хелсинки имаше средба со неговиот руски колега Владимир Путин.

Трамп тогаш порача дека Русија се нема мешано во американските претседателски избори, што значеше дека го негира извештајот на американските разузнавачки служби кои што тврдат дека во изборите на најразлични начини Русите биле вмешани и влијаеле на носењето на одлуките на гласачите.

Американскиот претседател беше нападнат од двете американски најголеми партии, а некои истакнати политичари тоа го нарекоа „најголемата грешка која што Трамп ја направил во неговото владеење“.

 

Преземено од: tocka.com.mk