Помина времето кога беше срамота да чуваш стока и да си земјоделец – Ученици од средно училиште отвораат Зоолошка градина и сами се грижат за животните – ММС
ММС

Објавено на: 05/10/21 10:20 AM

Помина времето кога беше срамота да чуваш стока и да си земјоделец – Ученици од средно училиште отвораат Зоолошка градина и сами се грижат за животните

Средното стручно училиште во населба Драчево во Скопје, СУГС „Браќа Миладиновци“ на своите ученици им нуди пракса, но и уживање во присуство на животните. Во склоп на училиштето се наоѓа и Зоолошка градина во која живеат најразлични видови на животни за кои се грижат самите ученици. По завршување на средно образование од ова училиште, учениците се стекнуваат со стручноста на смеровите како ветеринарен техничар, фито медицина, агро техничар, агро менаџмент, хортикултура и гимназиско образование.


Ова училиште неодамна победи на еден проект кој ќе им овозможи на сите љубители на животните да дојдат бесплатно во Зоолошката и да уживаат во друштво на животните, каде веќе се подготвени и посебни катчиња и за родителите и за најмалите.


Зоолошката е формирана пред 6 до 7 години, и во неа постојано се вложува, велат учениците од ова училиште.


„Во месец октомври имаше конкурс од „Апшиф програмата за млади“ под Фонд за иновации и технилошки развој и УНИЦЕФ. Конкурсот беше за средни училишта од цела Македонија, на кој конкурираше нашето училиштето и го добивме грантот од околу 120.000 денари. Тој служи за во време на корона да се направи социјално претприемништво, со што учениците ќе направат нешто што ќе биде со социјална дистанца и корисно за општеството“, раскажаа за ММС учениците од „Браќа Миладиновци“.


Во самиот проект учествувале двајца професори и тројца ученици, матурантот Давид Кавраков, Бојан Трпковски и Даниела Павловска.


„Бидејќи веќе ја имаме зоолошката градина сакавме да ја оплемениме, сега е од затворен тип и служи за пракса за учениците, но овој месец се планира отворање за луѓето од надвор да дојдат и да уживаат во Зоолшката. Има околу 20 -на животни, се уште сме во фаза на подготовка, фабаме огради, ѕидовите ги сликаме, реквизити за деца, како и катче за родителите“, велат учениците.


Самите ученици се грижат за Золошката, за храна и нега на животните, каде воедно ја спроведуваат и нивната пракса. Ова училиште постојано е со освоени награди на натпревари, посебно смерот за хортикултура и земјоделие, а имаат и тие посебно катче во дворот од училиштето каде одгледуваат органски производи, бидејќи имаат и таков предмет органско производство, градина со само зачински билки.


„Во општеството дојде еден период кога беше срамота да кажеш дека си земјоделец  и срамота е да чуваш стока, наспроти урбаниот живот кога сите одат на кино и театар. Во тој период училиштето имаше криза, во тој период, со потценување кон земјоделство, но сега земјоделството се сврте кон еден друг аспект, дојде модерно време производство на храна и сега луѓето повторно се враќаат на органско јадење, она изворното. Светот се врти кон органско производство на храна, бидејќи од таму доаѓа здравјето. Сега ова училиште добива на значење, бидејќи учениците кои ќе завршат овде средно училиште знаат како да пороизведат органска храна. Меѓутоа тој период лесно можеше да се изгуби имиџ како пред неколку години, сега е многу потешко“, велат учениците од ова училиште.


Во моментот во училиштето вкупно со сите смерови, македонски и албански паралелки има 300 ученици. Велат наставата е целосно онлајн освен оние што не можат да следат настава доаѓаат со физичко присуство во текот неделата, еднаш до два пати земаат материјали, бидејќи има деца што  се во социјална категорија.

„Во однос на праксата се е на отворено, и е безбедно. Во изминатите неколку дена само еден клас пријави еден позитивен уеник, што значи дека училиштето е безбедно“, велат учениците.


Даниела Павловска ученичка во втора година од ветеринарната паралелка, вели дека со проектот биле уникатни и единствени кои понудиле такава идеја.


„Со овој проект бевме само ние и убедливо без конкуренција победивме. Идејата ни беше повеќе да се слушне за нашето училиште, и Зоолошката градина да ја отвориме за посетители, бидејќи досега беше само локална, за учениците. Бидејќи има интерес од деца кои се во основно образование и најчесто доаѓаат за да прошетаат и да ги видат животните кои што ги имаме тука. Исто така сето тоа да биде на отворен простор и да ги запознаат животните со кои досега немале можност да се запознаат. Исто така да бидат присутни родителите заедно со нивните деца и на отворен простор среде пандмија да поминат квалитетно и едукатвно време. Таргетот на проектот ни беа ученици од прво до четврто одделение. Дел од проектот е и поставување на информативни табли до секое живеалите на животните каде ќе има податоци за самото животни сите негови карактеристики, како и поставен кјуар код кој ќе ве однесе до повеќе информации што може да ги прочитаат посетителите за животните присутни тука во Зоолошката“, раскажа ученичката Даниела Павловска.


Од животни има околу 20- на видови, од кои лама, срна, елен, виетнамски прасиња, шатки, патки, гуски, мисирки, долгоносни мечиња – коати, гулаби, зајаци, овици, кози, пони коњчиња и сега се во фаза да набават магаре.

„Го одбравме магарето бидејќи е загрозен вид на животно. Бидејќи кога му требало магарето на населението го користело, но сега веќе немаат потреба од него и ретко каде се одгледува. Млекото од магаре често се користи во козметичката индустрија, во исхраната. Најсличното млеко на мајчиното млеко е магарешкото. Магарето повторно го враќаме и ги објаснуваме неговите предности, на Балканот се почето се отвараат фарми за магариња. Во втора година има и предмет кој е посветен на магарето каде се изучуваат спецификите на магарето, и токму затоа сме во фаза кога училишната Зоолошка градина ќе се збогати со уште едно животно, а тоа е магарето за кое е подготвено живеалиштето“, вели Даниела Павловска, која додава дека за да се запишеш во ова училиште  прво и најважно е да ја имаш љубовта кон животните, и тука има многу што да се научи бидејќи се во допир со животните, многу е полесно за учење.


Некои ученици како Бојан Трпковски СУГС „Браќа Миладиновци“ го одбрал затоа што неговиот татко и дедо одгледуваат растенија, но и различни дворски животни за кои во иднина ќе се грижи  Бојан.


„Јас  тука се запишав зошто уште дедо ми татко ми дома во голем двор одгледуваме растенија и разни животни, чуваме прасиња, зајаци. Порано чувавме и повеќе, но за тоа треба време и финасиски треба да си подготвен за да ги чуваш. Имам доста мерак и љубов кон животните, без љубов не можеш да ги чуваш и токму затоа тука се запишав“, вели ученикот Бојан Трпковски.

Во ова училиште постојано се работи на негова обнова, во моментов се реновираат училниците со нови прозори со цел учениците да добијат современ и модерен простор за едукација. Во склоп на училиштето се наоѓаат и лаборатории кои им помагаат на учениците во практичната настава. Она што е интересно е што со креативни идеите на самите ученици се оплеменува секој простор.

Габриела Додевска