Европска Унија нема да биде целосна доколку не ги интегрира и земјите од Западен Балкан и на тој начин не го комплетира проектот на обединети европски држави, истакна денеска заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на Денот на Европа.
„Нашата битка денес е всушност битка и на Европа самата со себе, да си го одржи зборот. Крајно време е да ги почнеме заслужените преговори за членство и така ќе бидеме заеднички победници. Да ни е честит Денот на Европа“, рече Димитров кој заедно со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир ја посетија канцеларијата на Еко Пошта корисник на прокетот ЕУзаОпорност.
„Северна Македонија не само што сака да биде дел од ЕУ, туку често пати сме покажале дека знаеме да се однесуваме така, конкретно прекуи нашето дејствување како стабилен партнер на меѓуанародната сцена и според зборовите токму на ЕУ – светол пример во регинот за решавање на тешки прашања. Тоа е патот по кој чекориме одлучно и непоколебливо и нема да се откажеме без оглед на предизвиците затоа што македонсктие граѓани заслужуваат да бидат и формално дел од ова семејство, истакна Димитров, кој потенцираше дека недозволиво е во 21 век да се работи на разединување на актуелизирање на теми за промена на граници, на идентитетски прашања кои се повеќе наратив на 19 и почеток на 20 век.
Димитров во своето обраќање ја потенцираше помошта од ЕУ за време на пандемијата од Ковид 19, а исто така и амбасадорот Гир потсети на последната поддршка од ЕУ со обезбедување на вакцини, како и медицинска помош за нашата земја и обезбедувањето на бескаматни кредити за компаниите како помош во време на пандемија.
МИА