За македонскиот народ, неприфатлива е било каква интевенција во македонскиот идентитет, вели Заев за „Катимерини“ – ММС
ММС

Објавено на: 05/9/21 9:01 AM

За македонскиот народ, неприфатлива е било каква интевенција во македонскиот идентитет, вели Заев за „Катимерини“

Во неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“ премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев зборува за европската перспектива и бугарското вето, како и за грчката поддршка, за Договорот од Преспа.

Премиерот Заев објаснува дека и покрај позитивните извештаи од Европската Комисија и покрај Договорот за добрососедство со Бугарија, сепак поради ветото од Софија, Северна Македонија не ги започна преговорите со ЕУ.

-Во 21 век да ја одредуваш историјата на друга нација не е во согласност со европскиот дух, бидејќи треба заедно да градиме иднина. За Северна Македонија, за македонскиот народ, за сите граѓани на нашата земја, било каква интервенција во македонскиот идентитет е неприфатлива.  Процесот трае веќе подолго време, не сакаме да запреме и нема да запреме, но нема да ги ставиме во опасност нашето достоинство и нашиот идентитет. Верувам дека ќе најдеме заеднички решенија со Бугарија и ќе изградиме квалитетна иднина за нас и за идните генерации, објаснува премиерот, потенцирајќи дека минатото не треба да се заборави, но „треба да се градат мостови на соработка меѓу сите балкански земји, бидејќи тоа е единствениот пат што води до успех”.

Од друга страна пак, вели дека Грција останува „силен медијатор и поддржувач” на европскиот пат на нашата земја, нешто за што добил уверување и грчкиот премиер.

Заев потсетува на првите средби со Мицотакис во септември и ноември 2019 година, велејќи дека и тогаш и на следните средби бил создаден „пријателски однос, ослободен од сите прашања што во минатото ги оптоваруваа билатералните односи” , бил прифатен веќе дефинираниот партнерски однос основан на доверба и пријателство , „кој односите меѓу двете земји ги претвори во сојузништво”.

-Мојот колега, господинот Мицотакис категорично ме увери дека Грција останува еден силен медијатор и поддржувач на нашата земја во претстојниот преговарачки процес со Европската Унија. И двајцата се обврзавме за целосно и непречено спроведување на билатералните обврски одредени од Договорот од Преспа. На сите наши средби разговараме за поголема економска соработка која треба да продолжи и да се надгради, вели Заев, пренесе МИА.

МИА