Основачите на Европската Супер Лига, Реал Мадрид, Јувентус и Барселона и покрај тоа што идејата никогаш не го виде светлото на денот, а преостанатите фудбалски големци се „вратија во своето јато“, не се откажуваат од нејзина имплементација.
Како музичарите во култниот филм „Титаник“, кои свират во моментите кога бродот удира во сантата мраз, така и Перез, Ањели и новоизбраниот претседател на Каталонците, Лапорта, продолжуваат по старо и најавуваат тивка војна против УЕФА и ФИФА.
Тие со заедничко соопштение после фијаското се обратија до јавноста, останувајќи доследни до наративот „ние сме спасителите на фудбалот“ и со цел во блиска иднина, Супер Лигата да стане реалност. Во соопштението се зборува и за големи притисоци врз клубовите од „трети страни“.
-Основачките клубови добиваа и добиваат голем и неприфатлив притисиок и закани од „трети страни“, за да го повлечат проектот наречен Европска Супер Лига. Ова е неподносливо од правен аспект, додека правдата веќе е на страната на Супер Лигата и затоа би било добро УЕФА и ФИФА да се воздржат од преземање било какви акции кои на било кој начин би можеле да ја прејудицираат оваа иницијатива во текот на нејзиното создавање, велат тие.
Европската куќа на фудбалот најави дека клубовите чие име стои и денес на списокот на суперлигаши, ќе добијат соодветни казни и суспензии од европските натпреварувања. Но, УЕФА има интенција да ги казни за „предавство“ и екипите кои првично беа дел од мегаломанската идеја на Флорентино Перез. Секако, поради нивното навремено откажување и пропаста на Супер Лигата, Чеферин кон нив би постапил далеку поблаго.
-Потполно сме свесни за различните мислење по повод идејата за Супер Лига и поради тоа моравме да размислиме за причините кои доведуваат до тоа. Подготвени сме да ги преиспитаме првично предложените пристапи. Меѓутоа, би биле крајно неодговорни доколку ги занемариме и заобиколиме потребите и економската криза во фудбалскиот сектор, напуштајќи ја мисијата за пружање на ефикасни и одржливи егзистенцијални прашања кои се закануваат на овој сектор, додаваат во соопштението.
Подготвеноста за соработка и дијалог со УЕФА и ФИФА не ја исклучуваат во ниту еден момент и сакаат со двете тела да разговараат мирно и конструктивно. Фудбалот, според нив, нужно е да се подобри, а Европската Супер Лига ќе се примени во пракса порано или подоцна.