Кина ја отвори северната страна на Монт Еверест за 38 планинари – ММС
ММС

Објавено на: 05/7/21 3:55 PM

Кина ја отвори северната страна на Монт Еверест за 38 планинари

Кина ја отвори северната страна на планината Монт Еверест за неколку десетици планинари кои ќе бидат тестирани на коронавирусот (Ковид-19) и ќе мораат да држат физичко растојание во текот на експедицијата на највисокиот светски врв, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Планинарите најчесто ја користат јужната страна на планината, која му припаѓа на Непал, но во последно време сѐ повеќе има планинари кои одат преку Кина. Двете земји минатата година забранија експедиции за странските туристи. Непал, и покрај случаите на заразување со Ковид-19, ја отвори сезоната за странци.

Кина, каде што е констатиран првиот случај на коронавирусот кон крајот на 2019 година и во голема мера е спречено домашно ширење на коронавирусот, издаде дозволи за 38 планинари. Условот беше тие лица да доаѓаат од делови на Кина во кои е мала опасноста од заразување и да бидат тестирани пред походот на Еверест.

Во текот на експедицијата планинарите мораат редовно да одат на контроли заради состојбата со температурата, да користат флаширан кислород и на врвот да се задржат четири метри подалеку од останатите качувачи. Ќе им бидат обезбедени маски, термометри и дезинфекциски средства, јавуваат кинеските медиуми.

Минатата година Кина ја искористи паузата во качување за да исчисти околу шест тони смет од планината, што оваа година привлече поголема група качувачи.

Во 2019 година 362 луѓе се качија на Еверест од северната страна, од кои 241 стигнаа на врвот. Нешто повеќе се качија од Непал, каде што продажбата на планинарските дозволи и планинарските активности се главен двигател на локалната економија.