После седум фантастични години поминати во Челзи, Еден Хазард во 2019-та година реши да ја промени средината и да го направи долгопосакуваниот трансфер во неговиот омилен клуб.
Откако потпиша за Реал Мадрид, белгискиот репрезентативец практично не успеа да поврзе повеќе од пет натпревари во континуитет. Честите повреди кои го оддалечуваа од теренот и по повеќе месеци и обновувањето на истите веднаш по првичното заздравување, го вброија некогашниот напаѓач и освојувач на титулата во домашното првенство со Лил во категоријата „трансфер промашувања“.
Мадриѓаните за неговите услуги пред две години на Челзи му исплатија 100 милиони евра, а добија многу малку, впрочем не добија ниту бледа сенка од играчот кој беше страв и трепет за противничките одбрани и голмани во Премиер Лигата.
Фортуната посака Хазард да се соочи со неговиот доскорашен тим од западен Лондон во полуфиналето од Лигата на шампионите. Англискиот претставник на двата меча беше далеку подобриот и подоминантен опонент и заслужено се пласираше во финалето во Истанбул. Но, ионака за секој лош резултат на „кралскиот клуб“ главниот виновник, од непознати причини се бараше исклучиво во Еден Хазард, по завршувањето на дуелот во Лондон, Белгиецот во мадридската јавност и помеѓу фан-базата стана непријател број еден.
Имено, на „Стемфорд Бриџ“ тој се поздрави со екс-соиграчите, а проблемот настана кога камерата го улови како се смее во друштво централниот дефанзивец на „сините“, Курт Зума.
Сликата за неговата наводна неангажираност и непрофесионализам го обиколи фудбалскиот свет, па затоа триесетгодишниот играч од навалната линија мораше преку социјалните мрежи да упати извинување кон сите кои потегот го сфатиле на поинаков начин.
-Жал ми е. Прочитав многу мислења за мене, но мојата намера не беше да ги навредам навивачите на Реал Мадрид. Отсекогаш мој сон беше да заиграм за Реал Мадрид и тука дојдов за да освојувам и победувам. Сезоната не е готова, заедно ќе се бориме за Ла Лига. Хала Мадрид, напиша Хазард на профилот на „Инстаграм“.
Медиумите од Шпанија шпекулираат дека управата на Реал планира да се ослободи летово од него и за сума од околу 50 милиони евра да го продаден некогаш еден од најдобрите светски фудбалери.
д.ј