Со интонирање на македонската химна во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, почна одбележувањето на Денот на македонската полиција.
„Денот на полицијата за мене е симбол на храброст и морал, тоа се карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва пред сината униформа“, порача во своето обраќање министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Во неговиот говор не изостана пандемијата со ковид-19. Тој истакна дека е задоволен од она што полицијата го постигнала во текот на изминатата, тешка година, која за полицајците донела уште еден приоритет – борба за спречување на ширењето на коронавирусот.
„За ефикасноста на полициската работа покажуваат конкретните резултати во борбата против криминалот. Во речиси сите сегменти е очигледно подобрување на резултатите. Од 01.01 до 15. 04. 2021 година кривичните дела бележат тренд на намалување за 9,5 проценти во споредба со истиот период ланската година. Зајакнатите сообраќајни контроли придонесоа за создавање што побезбедни средини, па 2020 беше година со најмалку жртви од сообраќајни несреќи во последните 30 години“, додаде Спасовски.
Тој посочи дека изминатава година се реконструирани 55 објекти кои сега се енергетски ефикасни и најави дека со сума од половина милијарди денари ќе бидат обезбедени нови униформи и опрема за полициските службеници.
„За вработените во МВР, кои оствaриле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2020, обезбедивме средства за бонус плата, кои ќе бидат исплатени следниот месец. Веќе ги исплативме бонус платите за 2017 и 2018 година“, посочи Спасовски, кој ги поздрави и семејствата на загинатите припадници на МВР.
Според шефот на државата Стево Пендаровски пак, полицијата е структура со незаменлива улога во спроведувањето на законите и почитувањето на човеките права.
„Од работата на МВР во голема мера зависи довербата на граѓаните во својата држава. Таа доверба мора секојдневно да се потврдува, повеќе од една година полицијата е една од клуните алки во справувањето со пандемијата“, истакна претседателот.
Обраќајќи се по повод Денот на македонската полиција, тој истакна дека токму полицијата треба неутрално да ги спроведува законите.
„Полицијата треба да е департизирана структура. Треба да се обрне внимание на жената во полицијата, да се надминат стереотипите за родовата еднаквост, полицијата не е само машка професија. Треба да се воспостават добри реалции со заедницата во која се дејствува. Мораме да вложуваме во полицијата. Безбедносните предизвици како тероризмот, сајбер нападите, хибрдините закани..нема да исчезнат. Досегашните реформи значајно ги подобрија перформансите, но мора да продолажт бидејќи безбедносните предизвици се менуваат“, додаде Пендаровски.
На денешното одбележување беа презентирани и нови униформи, а потоа и доделени плакети и признанија.
В. Ми