Германија вчера ја одобри употребата на вакцината против коронавирус на Астра Зенека за сите над 18 години со цел да ги забрза напорите за имунизација, објави министерот за здравство Јенс Шпан.
Тој на прес-конференција по разговорите со 16-те германски државни министри за здравство, рече дека вакцината треба да биде достапна за сите, без оглед на нивната медицинска историја.
– Денеска се согласивме целосно да ја укинеме приоритетната група за Астра Зенека, тоа значи дека кога вакцините ќе бидат дистрибуирани до лекарите, тие ќе можат да одлучуваат, според нивно дискреционо право, кој и кога ќе се вакцинира, рече вчера Шпан додавајќи дека вакцинацијата ќе може да се врши само откако пациентот ќе биде информиран од лекарот за потенцијалните ризици.
Ваквиот потег следува откако вакцината на Астра Зенека на почетокот на годинава доживеа пад на популарноста во Германија, по извештаите за ретки тромбоцитни реакции кај некои пациенти, па националните здравствени власти одлучија оваа вакцина да се користи само за лица над 60 години. Европската Агенција за храна и лекови ја поддржа употребата на Астра Зенека кај сите возрасни лица, но во исто време ја потврди и „можната врска“ со „многу ретките“ згрутчувања на крвта.
Германските лекари отсега исто така ќе можат да одлучуваат и за временската разлика меѓу двете дози, интервал што здравствените експерти за вакцината на Астра Зенека препорачуваат да се движи од четири до 12 недели.
Претходно во текот на денот, пратениците во Бундестагот го одобрија предлогот што нуди повеќе права за оние кои се целосно вакцинирани. Шпан истакна дека со ваквата одлука „многумина се прашуваат кога ќе ја примат втората доза“, па затоа ја оставиле флексибилноста во рацете на лекарите и пациентите.
извор: политико.еу