На демонстрациите против даночните реформи во Колумбија загинаа 26 лица – ММС
ММС

Објавено на: 05/7/21 9:22 AM

На демонстрациите против даночните реформи во Колумбија загинаа 26 лица

Бројот на лица што ги загубија животите на демонстрациите против даночните реформи, што веќе девет дена се одржуваат во Колумбија, се искачи на 26, известува Агенција Анадолија (АА).

Во соопштението што го издаде Канцеларијата на народниот правобранител на Колумбија, се наведува дека бројот на починати во демонстрациите против даночните реформи кои започнаа со генерален штрајк на 28 април, од 24 се зголеми на 26.

Досега од пријавените 145 случаи на исчезнати, пронајдени се 55 лица, додека во тек се операции за пронаоѓање на преостанатите 90 исчезнати.

– Владата на Колумбија е подготвена да седне на преговарачка маса

Министерот за труд на Колумбија, Анхел Кустодио Кабрера, изјави дека Владата е подготвена да разговара со претставниците на Националниот комитет за штрајк пред утврдениот рок.

Кабрера соопшти дека состанокот, закажан за 10 мај, меѓу претседателот Иван Дуке и претставниците на Националниот штрајкувачки комитет би можело да се одржи што поскоро, додавајќи дека владиното крило е подготвено за тоа.

Осврнувајќи се на актите на насилство на протестите, Кабрера изјави: „Подготвени сме да се сретнеме со претставниците на Националниот комитет за штрајк. Сепак, има нешто што е многу важно да се нагласи: Бараме да се стави крај на сите акти на насилство на демонстрациите.“

– Протести во Колумбија

Демонстрациите против даночните реформи во Колумбија, коишто започнаа на 28 април со повикот за „национален штрајк“ од страна на синдикатите, локалните организации, студентските здруженија и разни опозициски групи, во почетокот беа мирни, но подоцна прераснаа во насилни.

Илјадници луѓе излегоа на улиците на повеќе од 50 града низ земјата, вклучувајќи ги и Богота, Меделин, Кали, Баранкиља, Картахена и Вале дел Каука, протестирајќи против владиниот закон за даночни реформи.

Откако демонстрациите низ целата земја прераснаа во насилни, претседателот на Колумбија, Иван Дуке, на 2 мај објави дека одлучиле да го повлечат Предлог-законот за даночна реформа, кој имаше цел собирање повеќе даноци од народот.

Полицискиот час е воведен во голем број градови низ Колумбија во кои во текот на демонстрациите се оштетени бројни автобуси, постојки, банки и трговски центри.

За време на демонстрациите повредени се повеќе од 900 лица, а над 500 демонстранти се приведени.